Цените на греењето во регионот влегуваат во нова поскапа етапа со почетокот на новата грејна сезона. Словенија, Србија и Хрватска веќе ги најавија новите тарифи за домаќинствата, при што се очекува дополнителен притисок врз семејните буџети и инфлацијата.
Во Словенија, државната енергетска компанија Energetika Ljubljana од 1 октомври ја зголемува цената на топлинската енергија за домаќинствата за 14,3%. Променливата стапка се покачува од 75,89 на 86,78 евра по MWh (без ДДВ). За просечен двособен стан тоа значи годишен трошок од околу 664 евра – 57 евра повеќе од минатата грејна сезона. Компанијата управува со системот за далечинско греење и снабдување со гас на главниот град Љубљана, каде што овој пораст најдиректно ќе се почувствува.
Србија исто така најави зголемување на цените. ЈКП „Београдске електране“ донесе нови тарифи за сезоната 2025/2026, кои стапуваат на сила од 1 октомври. Кај наплатата по потрошувачка, цената за стамбени простори се покачува од 7,75 на 8,21 динари по kWh, а за деловни од 9,46 на 10,02 динари (без ДДВ). Фиксниот дел по инсталирана моќност се зголемува на 6.350,58 динари годишно. Кај наплатата според загреана површина, цената за станбен простор расте за 6,38%, а за деловен за 5,96%. Ова е второ покачување за две години и доаѓа во услови кога повеќето нови објекти во Белград преминуваат на системот на наплата според вистинска потрошувачка.
Во Хрватска, пак, од 1 ноември следува поскапување не само на греењето, туку и на струјата и гасот. Владата почнува постепено да ги намалува субвенциите воведени за време на енергетската криза, но цените сè уште ќе останат под пазарно ниво. Просечната месечна сметка за топлинска енергија ќе порасне од 37,75 на 41,53 евра, а цените на струјата и гасот исто така ќе се зголемат. Државата најави дека ќе продолжи да обезбедува финансиска помош за ранливите групи, студентите и институциите, но економистите предупредуваат на неизбежен инфлаторен ефект од намалувањето на мерките.
Експертите оценуваат дека овие паралелни поскапувања се резултат на растечките трошоци за енергенси и постепеното повлекување на државната поддршка во регионот. Иако властите најавуваат социјални амортизери, се очекува новиот ценовен удар да влијае врз стандардот на граѓаните и да ја зголеми инфлацијата во Словенија, Србија и Хрватска.
Енергетика 24