Полска останува единствената земја во Европската Унија што продолжува со ископ на тврд јаглен, откако Чешка минатата недела го затвори својот последен активен рудник – ЧСМ, сместен во градот Стонава, во близина на полската граница, по речиси 250 години непрекината работа.
Со затворањето на рудникот, Полска практично стана единствената членка на ЕУ што и понатаму експлоатира тврд јаглен, кој е енергетски побогат, но и еколошки најоптоварувачки фосилен енергенс, и тоа и покрај растечките финансиски загуби и сè посилните притисоци за забрзана енергетска транзиција.
Иако официјалните планови на државата предвидуваат целосно напуштање на тврдиот јаглен дури во 2049 година, економската одржливост на секторот забрзано се влошува. Во 2024 година производството се намали на 44 милиони тони, најниско ниво од 1949 година, додека нето-загубите достигнаа 13,74 милијарди злоти, односно околу 3,2 милијарди евра, што претставува најголем минус во последните три децении.
Сепак, државната поддршка за јагленската индустрија продолжува. Само во 2024 година, владината помош изнесуваше околу 9 милијарди злоти, или приближно 2,1 милијарди евра. „Ова е навистина гигантска сума, еквивалент на околу 600 злоти по полско семејство“, изјави енергетскиот аналитичар Бартломеј Дерски. Во свој извештај, Меѓународниот монетарен фонд оцени дека скапата зависност од јаглен сериозно ја поткопува конкурентноста на Полска и повика на значително побрза транзиција кон почисти извори на енергија.
Во меѓувреме, ажурираната нацрт-верзија на Националниот енергетски и климатски план најавува поамбициозен пресврт. Според најоптимистичкото сценарио, тврдиот јаглен би бил целосно исфрлен од производството на електрична енергија до 2040 година, додека употребата на лигнит би завршила уште порано, до 2035 година.
Од 1 јануари годинава стапија на сила и законски измени што предвидуваат државно финансирани отпремнини до 170.000 злоти за вработените во државните рударски компании. Но, според експертите, овие мерки не претставуваат сеопфатен план за затворање на рудниците и социјална заштита на околу 70.000 рудари.
„Постои сериозен ризик транзицијата да започне без јасна визија, план и временска рамка, оставајќи ги работниците најизложени на последиците“, предупреди Бартож Квјатковски од организацијата „Франк Болд“. Аналитичарите оценуваат дека е крајно време владата, енергетските компании и синдикатите да седнат на иста маса и да договорат реалистичен и усогласен патоказ, кој ќе одговара на реалните потреби на пазарот и динамиката на енергетскиот сектор.
Извор: TVPworld.com
