Политика: Русија покажува интерес за изградба на нуклеарна електрана во Србија

Белград. 7 август 2025 – Проектот за изградба на нуклеарна електрана во Србија има потенцијал да стане клучен двигател за економски раст, развој на науката и технологијата, како и за јакнење на енергетската независност и безбедност на земјата. Ова го изјави заменик-директорот на руската државна нуклеарна корпорација „Росатом“ за Централна Европа, Сергеј Маргелов, во интервју за белградскиот весник Политика.

Во интервјуто, Маргелов потенцира дека со реализацијата на ваков проект Србија би добила сопствен кадар на високо квалификувани експерти и би можела да стане извозник на стабилна, „зелена“ електрична енергија. „Росатом“, нагласи тој, располага со повеќедецениско искуство и современи технологии и е подготвен да даде значаен придонес во успешната имплементација.

Според Маргелов, Русија, која годинава одбележува 80 години развој на нуклеарната индустрија, има долга историја во поддршката на други држави при развојот на националната нуклеарна наука, изградбата на реактори и обуката на специјалисти. Во моментов, на водечките универзитети на „Росатом“ студираат повеќе од 3.000 странски студенти од 65 земји, меѓу кои 24 од Србија. Годишно, околу 500 студенти поминуваат практична обука на современа опрема во рамки на руската нуклеарна индустрија.

РЕКЛАМА

Маргелов истакна дека српските градежни компании веќе се поканети да учествуваат во проектот „Пакш 2“ во Унгарија, каде се градат два реактора ВВЕР-1200, за да стекнат искуство што може да се примени во идни проекти во Србија.

Руската корпорација е позната по изградба на нуклеарни електрани со голема моќност и животен век од најмалку 60 години, со можност за продолжување до 80 години. Четири вакви реактори се веќе во функција во Русија, два во Белорусија, а слични проекти се реализираат во Египет, Турција, Кина, Бангладеш и Унгарија.

Покрај големите централи, „Росатом“ развива и мали модуларни реактори (SMR) наменети за оддалечени региони со слаба инфраструктура. Овие технологии веќе се применуваат во единствената пловечка нуклеарна електрана во светот, лоцирана на Чукотка, како и во нови проекти во Узбекистан и на рускиот Арктик.

Според Маргелов, ваквите проекти обезбедуваат чиста, сигурна и „зелена“ енергија, што е потврдено и на меѓународната климатска конференција КОП28 во Дубаи. Како пример, тој го наведе проектот во Турција, кој ќе намали емисија на јаглерод диоксид за 18 милиони тони годишно.

Извор: Politika.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads