Германската влада разгледува можност за повторно активирање на неактивните електрани на јаглен со цел да се ублажат растечките трошоци за енергија, предизвикани од војната во Иран, пренесува магазинот Политико повикувајќи се на извори од владејачката коалиција во Германија.
Овој потег, кој се смета за контроверзен поради потенцијалното зголемување на емисиите на CO2, има за цел да заштеди природен гас, чија цена значително порасна по нападите врз Техеран кон крајот на февруари.
Германскиот Бундестаг во четвртокот усвои пакет мерки за ублажување на енергетската криза, кој предвидува ограничувања за зголемување на цените од страна на енергетските компании. Сепак, веднаш беа изразени сомнежи за неговата ефикасност.
Министерката за економија и енергетика, Катарина Рајхе, изјави дека мерките можеби нема да бидат доволни доколку кризата продолжи. „Доколку тоа не биде доволно, можно е да следуваат нови пакети за поддршка“, истакна таа.
Според неа, се разгледуваат и дополнителни опции, како намалување на данокот на електрична енергија и зголемување на надоместокот за патни трошоци за работниците.
Потенцијалните мерки, за кои разговараат Социјалдемократите и Христијанско-демократската унија, вклучуваат и привремено активирање на резервни електрани на камен јаглен. Овие капацитети се наменети за спречување на недостиг во снабдувањето и стабилизирање на цените на струјата.
Големите енергетски компании, како „Штаег“, и претходно се залагаа за поголема употреба на резервните капацитети на јаглен, наведувајќи дека тоа може да биде привремено решение додека се изградат нови гасни електрани.
Според нив, Германија располага со резервни електрани на камен јаглен со капацитет од околу 6,7 гигавати, што би можело да обезбеди електрична енергија за околу седум милиони домаќинства.
И покрај тоа, конечна одлука сè уште не е донесена.
Извор: Politico.eu
