Гетеборг. 18 август 2025 – Шведскиот производител на електрични возила Polestar постигна нов светски рекорд со својот голем SUV модел Polestar 3. Возилото постави Гинисов рекорд за најдолга релација помината од електричен SUV со едно полнење – 935,44 километри.
Обидот траел речиси 23 часа во различни временски услови, вклучувајќи и дожд. Моделот, во својата нова верзија со еден мотор и зголемен опсег, постигнал ефикасност од 12,1 kWh на 100 километри.
Тројца професионални возачи – Сем Кларк, Кевин Букер и Ричард Паркер – се менувале на секои три часа за да ја одржат концентрацијата. Според податоците, Polestar 3 ја достигнал официјалната WLTP-декларација од 706 километри со уште 20% батерија, а дури и по покажувањето „0%“, успеал да помине дополнителни 12,8 километри пред да стигне до полнач.

Рекордот беше официјално потврден од судијата на Guinness World Records, Паулина Сапинска, со независно документирани податоци од GPS, километража и батерија. Возилото било во сериска конфигурација, со стандардни 20-инчни тркала и Michelin Sport 4 EV гуми, без никакви модификации.
„Горди сме што во семејството на Polestar имаме светски рекордер. Овој резултат уште еднаш покажува дека Polestar 3 поставува нови стандарди,“ изјави извршниот директор Мајкл Лошелер.
Директорот на Polestar UK, Мет Галвин, додаде дека рекордот е доказ за огромниот напредок на батериската технологија. „Фактот што еден голем SUV успеа да помине растојание поголемо од Лондон до Единбург со едно полнење е вистински импресивен – митот дека електричните возила немаат голем опсег е веќе минато,“ рече тој.
Извор:ESDnews.com