Берлин, 4 април 2026 – Пет земји-членки на Европската Унија побараа воведување на заеднички европски данок на екстра-профит за енергетските компании, како одговор на растечките цени на горивата предизвикани од војната со Иран.
Министрите за финансии на Германија, Италија, Шпанија, Португалија и Австрија испратиле заедничко писмо до Европската комисија, во кое наведуваат дека ваквата мерка би помогнала да се обезбеди финансиска поддршка за граѓаните погодени од високите енергетски трошоци.
„Ова би овозможило финансирање на привремени мерки за олеснување, особено за потрошувачите, без дополнително оптоварување на јавните буџети“, се наведува во писмото. Министрите додаваат дека компаниите кои профитираат од последиците на војната треба да придонесат за намалување на товарот врз граѓаните.
Цените на нафтата и гасот значително пораснаа по почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, создавајќи енергетски шок сличен на кризата во Европа по руската инвазија врз Украина во 2022 година. И покрај зголеменото користење на обновливи извори, Европа и понатаму е зависна од увоз на енергенси.
Во писмото се посочува дека слична мерка веќе била применета во 2022 година и се повикува Европската комисија итно да разгледа воведување на нов инструмент на ниво на ЕУ, заснован на цврста правна основа.
Од Европската комисија потврдија дека го примиле писмото и дека ја разгледуваат иницијативата, додавајќи дека работат со земјите членки на можни таргетирани мерки за справување со актуелната енергетска криза.
Сепак, германското здружение за горива и енергија се спротивстави на предлогот, оценувајќи дека тврдењата за неоправдан профит на компаниите се неточни и дека нема основа за воведување ваков данок.
Европските власти исто така разгледуваат повторно активирање на мерки од 2022 година, како ограничување на цените на гасот и даноци за енергетските компании, со цел да се ублажи влијанието од кризата. Според податоците, цените на гасот во Европа пораснале за повеќе од 70% од почетокот на конфликтот со Иран.
Извор: Ројтерс
