Цената на нафтата во изутринава забележа значителен пад, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека војната на Блискиот Исток би можела наскоро да заврши, што ги намали стравувањата од долготрајни прекини во глобалното снабдување со енергенси.
Фјучерсите на нафтата „Брент“ паднаа за 6,28 долари или 6,3%, на 92,68 долари за барел, додека американската нафта WTI се намали за 6,19 долари, односно 6,5%, на 88,58 долари за барел. Во текот на тргувањето двете референтни цени бележеа и пад до 11%.
Падот следува по драстичниот скок во понеделникот, кога цената на нафтата надмина 100 долари за барел и достигна највисоко ниво од средината на 2022 година, поради стравувања од нарушување на глобалното снабдување во услови на проширување на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Пазарите дополнително се смирија по телефонскиот разговор меѓу Валдимир Путин и Доналд Трамп, во кој, според Кремљ, биле разгледани предлози за брзо решавање на конфликтот.
Трамп во интервју за телевизијата CBS изјави дека војната против Иран е „многу блиску до крај“ и дека операцијата напредува побрзо од првично очекуваното.
Сепак, од Техеран следуваше остар одговор. Иранската револуционерна гарда соопшти дека токму тие ќе го „одредат крајот на војната“ и предупреди дека Иран нема да дозволи извоз на нафта од регионот доколку продолжат нападите од САД и Израел.
Во меѓувреме, цените се под дополнителен притисок и поради можноста Вашингтон да ги олесни санкциите за руската нафта, како и потенцијално ослободување на дел од стратешките резерви за да се стабилизира пазарот.
Земјите од Г7 во понеделникот соопштија дека се подготвени да преземат „неопходни мерки“ доколку продолжи растот на цените на енергенсите, но засега не донесоа одлука за пуштање нафта од стратешките резерви.
Извор: Ројтерс
