Отворена дебата за нуклеарната енергија во Грција: аргументи, перспективи и препреки

Атина. 14 ноември 2025 – Грција повеќе не може да бега од прашањето за нуклеарната енергија – ова беше централната порака што на 10 ноември ја испрати Танос Докос, генералниот секретар за национална безбедност при кабинетот на грчкиот премиер Мицотакис. Настапувајќи на конференција на Институтот за надворешни работи што се одржа во „Демокритос“, тој порача дека „дојде време темата да се отвори на структуриран и сериозен начин“.

Докос истакна дека нуклеарната енергија може да послужи како „енергетски мост“ меѓу фосилните горива и обновливите извори, особено преку новите технологии на мали модуларни реактори (SMR). Притоа, тој призна дека безбедноста и управувањето со нуклеарниот отпад се прашања што мора да се дискутираат отворено, бидејќи во грчкото општество темата долго време е табу.

Танос Докос / ФОТО- fainst.eu

Нуклеарниот инженер Дионисис Хионис од компанијата Athlos Energy, зборувајќи на истата конференција, оцени дека нуклеарната енергија може да стане клучна алатка за Грција на патот кон нулта емисија. Според него, и покрај растот на уделот на обновливите извори, земјата сè уште се потпира на повеќе од 1,2 GW енергија од фосилни горива за базно оптоварување. „Грција има потреба од стабилно, евтино и изобилно производство на енергија, а еден реактор од 1 GW може да ги обезбеди тие капацитети“, нагласи Хионис. Тој додаде дека таков проект би го засилил развојот на тешката индустрија, би ги покрил растечките потреби за десалинизација и би го поддржал поморството, како и големите енергетски потрошувачи, меѓу кои и дата-центрите.

РЕКЛАМА

Инженерот смета дека земјата не треба да почнува од SMR-технологијата, туку да вложи во голем нуклеарен реактор, искористувајќи го постојното индустриско знаење. Тој ја презентираше и најновата анкета на јавното мислење, според која поддршката за нуклеарна енергија значително пораснала: од 18% пред седум години на 30% денес. Истовремено, процентот на граѓани што се против нуклеарната енергија паднал од 75% на 42,8%, а 21,2% се изјасниле како неутрални.

Претседателот на Грчката комисија за атомска енергија, Христос Хусијадас, се задржа на клучното прашање, управувањето со нуклеарниот отпад. Тој нагласи дека мора строго да се почитува принципот според кој нуклеарното гориво се враќа во земјата што го произвела.

Хусијадас посочи дека за Грција да се движи кон нуклеарна енергија, потребно е да се постави јасна институционална рамка. „Прво, треба меѓународен меѓувладин договор. Второ, политичка храброст за внесување на нуклеарната енергија во Националниот енергетски и климатски план. И трето, силна рака што ќе го организира државниот апарат за ваквата инвестиција да не се претвори во одисеја“, предупреди тој.

На крајот, професорот по стратегија на Универзитетот во Пиреја и претседател на Советот за меѓународни односи, Атанасиос Платиас, ја истакна како алтернативна опција технологијата на пловечки реактори, кои нудат пониски трошоци и поголема флексибилност.

Со отворањето на оваа дебата, Грција влегува во период на сериозно преиспитување на својата енергетска иднина – прашање што, според експертите, веќе не може да се одложува.

Извор: iEnergia.gr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба