Земјите членки на ОПЕК+ се согласија да ги зголемат квотите за производство на нафта за 206.000 барели дневно во мај, но ова зголемување ќе има ограничен ефект сè додека не се нормализира сообраќајот низ Ормускиот теснец.
Одлуката беше донесена во текот на вчерашниот ден на виртуелен состанок на осум членки на организацијата, во услови кога војната меѓу САД, Израел и Иран сериозно го наруши глобалното снабдување со нафта. Ормускиот теснец, клучна артерија за транспорт на нафта, е речиси затворен од крајот на февруари, што доведе до пад на извозот од земји како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак.
Иако зголемувањето на квотите е сигнал за подготвеност за реакција, експертите оценуваат дека реалното влијание врз пазарот ќе биде минимално. Количината од 206.000 барели дневно претставува помалку од 2% од загубеното производство поради блокадата на теснецот.
Цените на нафтата веќе достигнаа околу 120 долари за барел, што создава дополнителен притисок врз глобалната економија, транспортот и потрошувачите. Аналитичарите предупредуваат дека цената може да надмине 150 долари доколку кризата продолжи.
Дополнителен проблем претставуваат оштетувањата на енергетската инфраструктура во регионот, предизвикани од ракетни и дрон напади. Според официјални лица од Заливот, ќе бидат потребни месеци за целосно обновување на производството, дури и ако конфликтот заврши веднаш.
Од ОПЕК+ изразија и загриженост за нападите врз енергетските капацитети, нагласувајќи дека нивната обнова е скапа и долготрајна, што дополнително го ограничува снабдувањето.
И покрај ризиците, податоци покажуваат дека најмалку еден танкер со ирачка нафта успеал да помине низ Ормускиот теснец, но останува неизвесно дали и другите бродови ќе го преземат истиот ризик.
Оваа криза веќе се смета за најголемо нарушување во снабдувањето со нафта во историјата, со намалување од 12 до 15 милиони барели дневно, односно до 15% од светската понуда. Следниот состанок на осумте земји членки е закажан за 3 мај.
Извор: Ројтерс
