Брисел. 16 март 2026 – Војната со Иран предизвика сериозни потреси на глобалните енергетски пазари и претставува јасно предупредување за ризиците од зависноста од фосилни горива, порача извршниот секретар на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, Сајмон Стиел.
Стиел денес, на настан во Брисел им се обрати на европските креатори на политики, претставници на институциите на Европската унија и министри од земјите членки, нагласувајќи дека актуелната криза уште еднаш ја покажува ранливоста на економиите кои се потпираат на нафта и гас.
Иако Европа е географски далеку од конфликтот на Блискиот Исток, последиците веќе се чувствуваат преку растот на цените на енергенсите. Според пазарните податоци, цените на природниот гас во Европа пораснале за околу 50% во текот на двете недели од почетокот на конфликтот.
„Зависноста од фосилни горива ја поткопува националната безбедност и суверенитет, заменувајќи ги со зависност и повисоки трошоци“, предупреди Стиел во своето обраќање.
Тој истакна дека Европската унија е меѓу најзависните големи економии од увоз на енергенси, при што повеќе од 90% од нафтата и околу 80% од природниот гас доаѓаат од странство.
Европските лидери во моментов подготвуваат итни мерки за да ги заштитат потрошувачите од новиот ценовен шок и да спречат повторување на енергетската криза од 2022, кога намалените испораки на гас од Русија доведоа до рекордни цени на енергијата.
Долгорочно, Европската комисија смета дека постепената замена на фосилните горива со домашно произведена обновлива и нуклеарна енергија ќе ја зајакне енергетската безбедност и ќе ја намали зависноста од нестабилните меѓународни пазари.
Сепак, некои влади, меѓу кои и оние на Италија и Унгарија, бараат Брисел да ги ублажи климатските политики со цел краткорочно да се намалат трошоците за индустријата.
Стиел предупреди дека таквиот пристап би бил „целосно погрешен“, истакнувајќи дека преминот кон обновливи извори на енергија, како ветерната и соларната, може да донесе пониски цени на електричната енергија, нови работни места во чистите технологии и постабилно снабдување.
„Зависноста од увоз на фосилни горива ја остава Европа постојано да преминува од една криза во друга. Обновливите извори ја менуваат таа динамика – сончевата светлина не зависи од тесни и ранливи поморски рути“, порача Стиел.
Извор: Ројтерс
