Њујорк. 30 јули 2025 – Амбициозната климатска акција, поддржана со цврсти планови за спроведување и паметни инвестиции, не само што е неопходна за справување со климатските промени, туку може да биде и силен двигател на економски раст и развој. Ова е заклучокот од новиот заеднички извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), кој го анализира влијанието на климатските политики врз глобалната економија и социјалниот развој.
Извештајот нагласува дека правилно дизајнираните национално утврдени придонеси (NDCs) – климатски цели што земјите ги поднесуваат во рамките на Парискиот договор – можат истовремено да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да поттикнат инклузивен економски напредок.
Според симулациите на ОЕЦД, доколку државите усвојат поамбициозни климатски цели и ги спроведат преку ефикасни механизми, глобалниот БДП би можел да порасне за 60% до 2040 година. Во споредба со сценарио без климатски мерки, светската економија би можела да биде за 0,2% посилна во 2040 година, за до 3% до 2050 година, и за дури 13% до крајот на векот.
„Доказите се јасни – климатската акција може да оди рака под рака со економскиот развој, отпорноста и намалувањето на сиромаштијата,“ изјави генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман. „Со вистинските политики и инвестиции, амбициозните климатски цели можат да го насочат и јавниот и приватниот капитал кон одржлива иднина.“
Слично мислење дели и администраторот на УНДП, Ахим Штајнер според кого:
„Постои стар наратив дека климатската транзиција е скапа и го забавува развојот. Овој извештај покажува спротивното – зелениот развој веќе е двигател на индустријата, транспортот и енергетските системи.“
И покрај значителниот напредок во последната деценија, вклучително и фактот дека инвестициите во чиста енергија ги надминаа инвестициите во фосилни горива, а речиси 90% од глобалната економија сега има нето-нулта цели, климатските предизвици остануваат сериозни. Во 2024 година, емисиите на стакленички гасови достигнаа нов рекорд, а просечната глобална температура првпат ја надмина критичната граница од 1.5°C.
ОЕЦД и УНДП предупредуваат дека ова е сигнал за забрзување на климатските напори, но и за поголема интеграција на климатските и развојните политики.
Извештајот истакнува и пошироки социјални придобивки од климатската акција. Со соодветни стратегии, до 2050 година е можно едно од пет лица кои денес живеат во екстремна сиромаштија да постигнат поголема финансиска стабилност.
Инвестициите во чиста енергија, нискоемисиски транспорт и подобро урбано планирање, особено во земјите со ниски и средни приходи, би резултирале со подобар квалитет на воздухот и значително намалување на трошоците за здравствена заштита поврзани со загадувањето.
Во пресрет на новиот циклус на климатски цели што земјите треба да ги достават до 2025 година, извештајот нуди сет на стратешки препораки:
- Засилување на политичката посветеност кон климатските реформи;
- Ускладување на климатските и развојните цели на национално и локално ниво;
- Активно вклучување на приватниот сектор од самиот почеток;
- Подобро користење на јавните финансии и мобилизација на меѓународна поддршка;
- Заштита на ранливите заедници преку инклузивни политики и фер транзиција.
Климатската акција веќе не е само прашање на животна средина, таа е економска, социјална и развојна стратегија. Според ОЕЦД и УНДП, државите што најбрзо ќе ги прифатат овие промени, не само што ќе придонесат за спас на планетата, туку и ќе изградат поконкурентни, поотпорни и поправедни економии.
Извор: ОЕЦД