Во 2024 година, 25,2% од бруто финалната потрошувачка на енергија во Европската унија била обезбедена од обновливи извори, што е зголемување од 0,7 процентни поени во споредба со 2023 година. Иако трендот е позитивен, напредокот останува недоволен за исполнување на климатските цели на Унијата.
Според важечката стратегија, ЕУ треба да достигне 42,5% удел на обновлива енергија до 2030 година, што значи дека моменталното ниво заостанува за 17,3 процентни поени. За да се надомести јазот, ќе биде потребно значително забрзување на транзицијата, со просечен годишен раст од околу 2,9 процентни поени во периодот од 2025 до 2030 година — повеќекратно повисок од досегашниот темпo.

Меѓу земјите членки, Шведска останува лидер со 62,8% удел на обновливи извори во вкупната енергетска потрошувачка, главно благодарение на цврстата биомаса, хидроенергијата и ветерната енергија. Финска е втора со 52,1%, а Данска трета со 46,8%, каде значајна улога, покрај ветерот и биомасата, има и биогасот.
Од друга страна, најниски удели се забележани во Белгија (14,3%), Луксембург (14,7%) и Ирска (16,1%), што укажува на значителни разлики меѓу земјите членки во темпото и моделите на енергетска транзиција.
Податоците потврдуваат дека, и покрај зголемените инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност, Европската унија ќе мора значително да ги интензивира политиките и инфраструктурните проекти доколку сака навреме да ги исполни своите климатски и енергетски обврски.
Извор: Европска комисија
