Скопје. 22 септември 2025 – Новиот трансформатор во ТС Дуброво веќе две недели е во пробна работа, откако тимот на подружницата ОПМ при АД МЕПСО успешно ја заврши неговата монтажа, тестирање и приклучување.
Инвестицијата, реализирана според сите технички стандарди и планирана динамика, претставува значаен чекор за јакнење на преносната инфраструктура во земјата. Со новиот трансформатор се обезбедува подобрување на напонските прилики во регионот, поголема стабилност и флексибилност на мрежата, како и сигурно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и стопанството.
ТС Дуброво е еден од најважните енергетски јазли во Македонија, а со новата опрема постројката добива повисока сигурност и подготвеност за интеграција на обновливи извори на енергија, економски раст и регионална поврзаност.
Инаку, трансформаторот е произведен од реномираната компанија Астор од Турција согласно највисоките технички и безбедносни стандарди. Со неговото инсталирање, како и на трансформаторот во ТС Битола 2, АД МЕПСО успешно заокружува два стратешки проекти кои се од круцијално значење за стабилизирање на работата на 400 kV и 110 kV ниво. Овие инвестиции директно придонесуваат за минимизирање на ризиците од испади и дефекти, како и за зголемување на доверливоста на системот и непречено преземање на електрична енергија од страна на потрошувачите.
Пробната работа ќе трае еден месец, по што трансформаторот ќе стане траен дел од електроенергетскиот систем на Македонија.
Извор: АД МЕПСО