Нови правила за развој на електромрежите – ЕУ објави водич за земјите членки

Брисел. 4 јуни 2025 – Европската комисија пред два дена објави нов водич за т.н. „предвремени инвестиции“ во електроенергетските мрежи, со цел создавање мрежна инфраструктура што ќе одговара на идните потреби на потрошувачите, индустријата и климатските цели на ЕУ.

Според проценките, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 730 милијарди евра за развој на дистрибутивните мрежи, и уште 477 милијарди евра за преносните мрежи. Новиот документ им се обраќа на земјите членки, националните регулатори, како и операторите на преносни и дистрибутивни системи, нудејќи конкретни препораки како да се планираат и реализираат инвестиции кои ја предвидуваат идната побарувачка и технолошкиот напредок.

Притоа, станува збор за инвестиции кои не се ограничени на моменталните побарувања за приклучување на нови капацитети, туку се засноваат на среднорочни и долгорочни планови за развој на електроенергетската мрежа, на национално и ЕУ ниво. Тие играат клучна улога во поддршката на европските цели за декарбонизација и забрзано воведување на обновливи извори, особено во области со голем потенцијал, како што се офшор региони.

Реклама

Примери за вакви инвестиции вклучуваат проширување на трафостаници, поставување резервни кабелски канали или спроведување подготвителни активности за идно зголемување на капацитетите.

Водичот ги групира препораките во три главни категории:

  1. Планирање на мрежата
    Потребно е планирање засновано на реални сценарија за идната потрошувачка и производство, во согласност со националните енергетски и климатски планови. Процесот треба да биде транспарентен, со рана вклученост на засегнатите страни.
  2. Регулаторен надзор и поттикнување
    Националните регулаторни тела треба да имаат капацитет за оценка на плановите и да обезбедат стабилен и балансиран регулаторен амбиент, кој ќе поттикнува проекти, без да го загрозува интересот на потрошувачите.
  3. Тарифи и распределба на трошоци
    Тарифите и надоместоците за приклучување треба да го одразуваат не само постоечкиот капацитет, туку и планираните инвестиции. Ова може да ги насочи новите проекти кон области каде што мрежата ќе биде подготвена. Дополнително, се предлага употреба на државни гаранции или јавни буџети за покривање на дополнителни трошоци, во согласност со правилата за државна помош.

Истовремено, земјите членки и регулаторите се повикани да го земат предвид овој документ при изработка на националните рамки за планирање и одобрување на инвестиции во мрежната инфраструктура.

Се очекува дека, до крајот на 2025 година, Комисијата ќе го претстави и т.н. „Европски пакет за мрежи“, како дел од продолжението на Акцискиот план за пристапна енергија. Јавната консултација по ова прашање веќе е отворена и ќе трае до 5 август 2025.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement