Нова трафостаница „Централна“ пуштена во употреба во Скопје

Скопје. 27 март 2026 – Во Скопје денеска официјално беше ставена во функција новата трафостаница „Централна“, проект реализиран по повод 20-годишнината од постоењето на ЕВН и нивните инвестиции во енергетската инфраструктура. Објектот, во кој се вложени 22 милиони евра, има значајна улога во обезбедување стабилно електроснабдување во централното градско подрачје, каде побарувачката за енергија постојано расте.

По повод пуштањето во употреба, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека ваквите проекти имаат долгорочно значење за развојот на главниот град и енергетската стабилност на државата. Според него, инвестицијата претставува повеќе од финансиска вредност и е насочена кон идниот развој на Скопје.

„Оваа инвестиција ќе отвори перспектива за следните 20-тина години да одговори на сите енергетски предизвици и потреби за развој на Градот Скопје. Нашата цел е јасна – сакаме Македонија да биде енергетски хаб во регионот“, порача Мицкоски.

РЕКЛАМА

Тој додаде дека со унапредувањето на напонското ниво се зголемува сигурноста на електроенергетската мрежа, како и дека ваквите зафати се важни за идно прифаќање на нови производствени капацитети. Воедно изрази благодарност до надлежните институции и компанијата ЕВН за нивниот придонес.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека станува збор за важен објект за енергетската стабилност на главниот град.

Со голема гордост ја отвораме трафостаницата „Централна“. Проект кој не е само инфраструктурен објект, туку претставува клучна алка во стабилното електроснабдување на централното градско подрачје и стратешка инвестиција во сигурноста и стабилноста на енергетскиот систем на градот Скопје. Со својата инсталирана моќност од 120 мегавати, оваа трафостаница е поставена токму таму каде што најмногу беше потребна – во зона со интензивен урбан развој, нови потрошувачи и мрежа која веќе го достигнуваше својот максимум – истакна Божиновска.

Таа посочи дека постојните трафостаници во овој дел од градот се изградени пред повеќе од 40 години и одамна не ги задоволуваат актуелните потреби. Со новиот објект се надминуваат ограничувањата во системот и се воведуваат повисоки стандарди за квалитет, при што во реализацијата учествувале над 30 компании.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека изградбата на ваков објект во централното градско подрачје претставува сериозен инженерски и архитектонски предизвик.

Изведувањето на овој проект во срцето на градот, би рекол, е на раб на уметност имајќи предвид дека ова што се гледа и што можеме сите да го увидиме е само дел, а главното е она што не се гледа – подземната инфраструктура, што навистина беше заедничка работа на Владата и на ЕВН сето ова да изгледа како што изгледа. Во срцето на градот, сместено помеѓу дипломатски претставништва, помеѓу значајни објекти, да се изведе овој објект е навистина архитектонско достигнување и би сакал да им честитам на сите што беа вклучени и да им се заблагодарам на сите што помагаа – рече Николоски.

Тој додаде дека Владата останува посветена на енергетската транзиција и регионалната соработка, потенцирајќи ја иницијативата за интегриран пристап во регионот.

Австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, ја оцени соработката како успешна, нагласувајќи ја важноста на ЕВН како клучен инвеститор од Австрија во земјата.

Отворањето на оваа трафостаница „Централна“ е знак за успех, знак за добра соработка во Северна Македонија. Дозволете најнапред да ѝ честитам на „ЕВН Македонија“ за 20 години успешно присуство во Северна Македонија и за одличната соработка со македонските институции, особено со министерката за енергетика Сања Божиновска и премиерот, господин Христијан Мицкоски. Енергетиката е една од областите со висок потенцијал за Северна Македонија, а ЕВН е двигател на модернизацијата во овој сектор обезбедувајќи сигурна енергија за граѓаните – истакна Памер.

Тој најави и натамошен ангажман на австрискиот бизнис во земјата, како и претстојната посета на премиерот Мицкоски на Виена во средината на април, што се очекува да придонесе за зајакнување на билатералните односи.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил