Нов закон за побрза транзиција кон зелена енергија во Германија

Берлин, 29 јуни 2025 – Германската сојузна влада одобри нацрт-закон со кој се предвидува значително забрзување на развојот на обновливите извори на енергија, во согласност со европската Директива за обновлива енергија (RED III).

Нацрт-законот, кој се очекува да биде изгласан во парламентот пред летната пауза, има за цел да ги скрати процедурите за одобрување на проекти за обновлива енергија, како дел од поширокиот напор Германија до 2030 година да обезбедува 80% од електричната енергија од обновливи извори. Според новите податоци, во 2024 година обновливите извори веќе учествувале со 57,6% во вкупното производство на електрична енергија во земјата.

Најважните елементи од законот вклучуваат поедноставени постапки за одобрување според законите за заштита од емисии и водостопанство, како и воспоставување на едно тело кое ќе биде надлежно за целиот процес. Дополнително, од ноември сите апликации ќе се поднесуваат и процесираат по електронски пат.

Реклама

Министерот за животна средина Карстен Шнајдер истакна дека побрзото издавање дозволи е еден од клучните приоритети на новата влада, но додаде дека и понатаму ќе се води сметка за еколошките аспекти.

Германското здружение на енергетски компании (BDEW) го поздрави законот, особено во однос на развојот на копнената енергија од ветер. Сепак, здружението побара владата да направи повеќе во идентификувањето нови зони за изградба на ветерници, познати како „забрзувачки зони“, каде изградбата би се одвивала со приоритет и скратени рокови.

Инаку, уште минатата година беше предложен сличен закон, но тој не беше изгласан поради распадот на тогашната коалициска влада. Сепак, падот на цените на опремата и регулаторните измени во последниве години придонесоа за обновен подем на инвестициите во соларни и ветерни проекти низ земјата.

Според директивата RED III, Европската унија има за цел најмалку 42,5% од вкупната потрошувачка на енергија до 2030 година да потекнува од обновливи извори.

Извор: Влада на Германија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement