Нов тендер, повисока цена: Колку ќе поскапат сметките за струја од јануари?

Електричната енергија за домаќинствата во Македонија е извесно дека ќе поскапи од почетокот на 2026 година, откако државната компанија АД ЕСМ на последниот тендер на ЕВН Хоум достави единствена и повисока понуда. Наместо досегашните 62 евра, струјата што ЕСМ ја продава на универзалниот снабдувач ќе чини 65 евра за мегаватчас, што е зголемување од близу 5%.

Понудата важи за целиот следен календарски период и ги покрива сите планирани количини за снабдување на домаќинствата. Од ЕВН Хоум потврдуваат дека ова е единствениот документ доставен на тендерот и дека ваквата ситуација „не е вообичаена“, но го одразува моменталниот пазар.

Цената што ја понуди ЕСМ, одобрена на затворена седница на Владата, претставува клучен параметар во пресметката на конечната тарифа за граѓаните. Премиерот Мицкоски претходно најави дека владината позиција ќе се темели токму на оваа понуда, а од Регулаторната комисија за енергетика сигнализираат дека не се очекуваат промени во тарифите за пренос и дистрибуција.

РЕКЛАМА

Сепак, конечниот износ што ќе го плаќаат домаќинствата зависи од неколку компоненти: набавната цена од ЕСМ, трошоците на МЕПСО, пазарниот оператор МЕМО и дистрибутивниот систем управуван од Електродистрибуција. ЕВН Хоум веќе ги подготвува новите пресметки, кои потоа ќе треба да бидат потврдени од Регулаторната комисија.

Иако точниот процент на поскапување ќе биде познат по усвојувањето на сите тарифни елементи, според движењата на цените, се очекува сметките од јануари да бидат повисоки.

За споредба, во регионот, растот на цената на електричната енергија во последната година се движи во широк распон: Косово бележи највисок скок од околу 16%, додека Србија во октомври ја зголеми цената за околу 6,6%. Во Бугарија покачувањето е умерено, околу 2,5–3%, а Хрватска регистрира раст на трошоците за струја од приближно 3,7% како резултат на повисоките мрежни такси и укинувањето на субвенциите за струја и гас. Во Црна Гора се најавува постепено зголемување од околу 6% годишно до 2028 година, додека Албанија има минимални или речиси занемарливи корекции, со најниска стапка на пораст во регионот. Во ваков контекст, најавеното македонско покачување од околу 4–5% ја позиционира земјата во средниот сегмент според регионалните трендови.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба