Варшава. 13 мај 2025 – На маргините на неформалниот состанок на министрите за енергетика на Европската Унија во Варшава, беше потпишан нов Меморандум за разбирање меѓу Европската комисија и министрите за енергетика од високо ниво на групата BEMIP (Балтички план за енергетско поврзување). Меморандумот претставува значаен чекор кон зајакнување на регионалната енергетска соработка, поврзување на инфраструктурата и унапредување на безбедноста на енергетските системи.
Комесарот за енергетика и домување Дан Јоргенсен и министрите од осум земји-членки на ЕУ, Данска, Естонија, Финска, Германија, Латвија, Литванија, Полска и Шведска, го потпишаа договорот, со Норвешка како набљудувач. Новиот меморандум предвидува заедничка работа на завршување на клучните инфраструктурни проекти, јакнење на енергетскиот пазар, промоција на енергетската ефикасност и искористување на растечките потенцијали на обновливите извори, како на копно, така и на море.
„Го поздравувам потпишувањето на меморандумот од страна на членовите на BEMIP. Тој ќе ја засили регионалната соработка за интерконектори, ќе ја зајакне енергетската безбедност и ќе го интензивира заедничкиот ангажман за заштита на критичната енергетска инфраструктура, особено подморските кабли. Ова е особено важно во актуелниот геополитички контекст, кога зајакнувањето на енергетската независност и безбедност е императив,“ изјави комесарот Јоргенсен.
Пред потпишувањето, учесниците дискутираа за најгорливите предизвици поврзани со енергетската безбедност во Балтичкиот регион, вклучувајќи ја и безбедноста во Балтичкото Море. Разговорите беа во контекст на акцискиот план за безбедност на подморските кабли, усвоен во февруари 2025 година, со фокус на превенција, откривање, одговор, опоравување и одвраќање.
Инаку, BEMIP групата е формирана во 2008 година со цел да ја стави крај на енергетската изолација на Балтичкиот регион и да го интегрира пазарот во поширокиот енергетски систем на ЕУ. Првиот меморандум беше потпишан во 2009 година и се фокусираше на пазарите на електрична енергија и гас, додека вториот, потпишан во 2015 година, го прошири опфатот со прашања како сигурноста на снабдување, енергетската ефикасност и обновливите извори.
Новото партнерство ќе придонесе за финализирање на проектите поврзани со синхронизацијата на трите балтички држави со континенталната европска електромрежа, зголемување на преносниот капацитет во оддалечените нордиски области, развој на регионален декарбонизиран пазар на гас и општа декарбонизација на гасните системи во регионот.
Извор: Европска комисија