Скопје. 23 март 2026 – Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска организираше јавна расправа за Правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија, како и работилница посветена на воспоставувањето на пазарот во тековниот ден (Intraday Market), чиј старт е најавен за 6 мај годинава.
На настанот присуствуваа претставници од институциите и клучните компании во енергетскиот сектор, меѓу кои Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторна комисија за енергетика, МЕПСО, ЕВН и ЕСМ, како и снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија.

Настанот го отвори директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, кој нагласи дека институцијата е посветена на развој на транспарентен, ефикасен и конкурентен пазар, усогласен со европските стандарди. Тој истакна дека воведувањето на Intraday пазарот ќе овозможи поголема флексибилност во тргувањето, особено во услови на зголемено производство од обновливи извори, како и намалување на дебалансите и трошоците.
Ѓорѓиевски потсети дека во јануари е потпишан договор со BSP Energy Exchange, која ќе обезбедува платформа за тргување и клиринг за пазарите ден-однапред и во тековниот ден.
За правилата за функционирање на организираниот пазар говореше Митко Огненоски, кој објасни дека тие ги дефинираат условите за тргување, порамнување и регистрација на учесниците, со цел да се обезбеди високо ниво на транспарентност и сигурност.
Во рамки на работилницата, претставниците на BSP, Матеј Годец и Таи Каштрун, го презентираа софтверското решение што овозможува тргување речиси во реално време, како и практичните аспекти на Intraday пазарот.
Организаторите посочуваат дека овие активности се дел од пошироките напори за интеграција на македонскиот електроенергетски пазар во регионалниот и европскиот пазар, во пресрет на официјалното стартување на Intraday пазарот во мај.
Енергетика 24
