Проектот за изградба на гасниот интерконектор со Грција влегува во нова фаза на реализација. Завршени се 96% од постапките за експропријација на земјиштето долж трасата на гасоводот, со што се создаваат услови за премин во следните активности на терен, информираат од државната компанија НОМАГАС.
Станува збор за значаен чекор во развојот на еден од најважните енергетски инфраструктурни проекти во државата, кој има стратешко значење за сигурноста на снабдувањето, диверзификацијата на изворите на енергија и посилната поврзаност на Македонија со регионалната и европската гасна мрежа.
Проектот се однесува на изградба на гасен интерконектор со Грција на потегот од Гевгелија до Неготино, во должина од околу 68 километри. Договорот за изградба беше потпишан во мај 2025 година, со предвиден рок за реализација од 22 месеци. Според сегашната динамика, завршувањето на проектот се очекува кон средината на 2027 година.
„Една од клучните карактеристики по кои овој проект се издвојува е тоа што прашањето на експропријацијата се решава уште во рана фаза од реализацијата. Со завршувањето на постапките за 96% од парцелите, регулирано е користењето на 94% од вкупната површина на земјиштето долж трасата. Во тек се постапки за уште 20 парцели, кои ги опфаќаат преостанатите шест проценти од земјиштето на кое е предвидена изградбата на гасоводот“, информираат од државното акционерско друштво НОМАГАС.
Напредокот во експропријацијата претставува важна административна и подготвителна фаза, бидејќи решавањето на имотно-правните односи е меѓу клучните предуслови за непречено продолжување на инфраструктурните активности. Кај проекти од ваков обем, напредокот не се мери само преку градежните работи на терен, туку и преку завршување на законските, техничките и организациските чекори што ја овозможуваат реализацијата.
Од НОМАГАС посочуваат дека завршувањето на 96% од постапките покажува дека проектот се движи според јасно дефинирани фази и дека, паралелно со институционалната координација и техничките подготовки, се отвора простор за следните чекори во реализацијата на инфраструктурата на терен.
Интерконекторот со Грција треба да обезбеди алтернативен влез за природен гас, поголема сигурност во снабдувањето и пристап до повеќе извори. Ова е особено важно за Македонија, која сè уште има ограничена гасна инфраструктура и потреба од посилна регионална поврзаност.
Со реализацијата на овој проект, Македонија ќе добие втор влезен правец за природен гас, со што ќе се намали зависноста од само еден извор на снабдување и ќе се создадат услови за поголема сигурност и конкурентност на пазарот.

Покрај НОМАГАС, и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го позиционира овој проект како важен дел од пошироката енергетска инфраструктурна трансформација на државата.
Дополнителна потврда дека проектот напредува е и фактот што НОМАГАС на крајот на 2025 година информираше дека веќе се пристигнати првите цевки за следната фаза од реализацијата.
Со влезот во следните фази на проектот, Македонија не прави само конкретен инфраструктурен исчекор, туку напредува и во исполнувањето на обврските преземени во рамките на Енергетската заедница, особено во делот на енергетската поврзаност, сигурноста на снабдувањето и диверзификацијата на правците.
Во текот на подготовката на проектот беа спроведени и повеќе јавни консултации и презентации, како во фазата на изработка на проектната документација и студијата за влијание врз животната средина, така и пред почетокот на градежните активности.
Енергетика 24
