НИС побара ново одложување на американските санкции

Белград. 20 септември 2025 – Нафтната индустрија на Србија (НИС) поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за одложување на примената на санкциите воведени поради рускиот удел во компанијата, соопштија од НИС.

Санкциите беа воведени на 10 јануари поради „секундарен ризик“ поврзан со сопствеништвото на руската компанија „Гаспром њефт“, која е под западни рестриктивно мерки поради инвазијата на Украина. Од тогаш нивната примена е одложена шест пати, а последното продолжување важи до 26 септември.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 19 септември изјави дека не е сигурен дали ќе има ново одложување.

РЕКЛАМА

„Стравувам дека тоа повеќе нема да биде можно и дека ќе се соочиме со многу тешка ситуација. Ќе направам сè што можам во разговорите со Марко Рубио“, изјави Вучиќ, кој во Њујорк ќе присуствува на Генералното собрание на ОН и ќе се сретне со американскиот државен секретар.

Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден, „Гаспром“ соопшти дека го продал речиси целиот свој директен удел во НИС – 11,3% минус една акција – задржувајќи само една акција. Претходно, компанијата поседуваше над 18 милиони акции, но детали за трансакцијата не беа објавени.

Со оваа промена, „Гаспром њефт“ останува најголем поединечен сопственик со 44,85% од акциите, додека Србија има 29,9%, а малцинските акционери – 13,98%.

НИС претходно, во март, побара да биде отстранета од санкциската листа на американското Министерство за финансии, но без успех. Во јули, српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека се преземаат чекори за намалување на неизвесноста околу компанијата. Таа истакна дека првпат е назначен претставник на Владата како заменик-претседател на Управниот одбор и дека се работи на именување двајца независни членови за да се исполнат барањата на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC). Од друга страна, директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, во август изјави дека Србија би ја купила компанијата, но дека руската страна не планира да ја продаде.

Санкциите веќе значително влијаат врз работењето на НИС. Компанијата во првата половина од 2025 година забележа загуба од 3,6 милијарди динари (околу 30,7 милиони евра), наспроти добивката од 5,3 милијарди динари во истиот период минатата година.

НИС групацијата располага со 411 бензински пумпи, од кои 328 во Србија, 42 во Босна и Херцеговина, 22 во Бугарија и 19 во Романија. Во Босна и Романија компанијата е активна и во истражување и експлоатација на нафта и гас. Групацијата вработува околу 13.500 луѓе.

Извор: Slobodnaevropa.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба