Белград. 31 јули 2025 – Српската компанија Нафтна индустрија на Србија (НИС) го објави финансискиот извештај за вториот квартал и првите шест месеци од 2025 година, покажувајќи значително влошување на резултатите – најслабо од пандемијата во 2020 година, соопшти брокерската куќа Momentum Securities.
Во вториот квартал, приходите на компанијата паднале за 34,4% и изнесуваат приближно 627 милиони евра, додека во првите шест месеци падот изнесува 26,5%. EBITDA (заработка пред камати, даноци и амортизација) опадна за 87% во вториот квартал и изнесува околу 14,5 милиони евра, а нето загубата достигна 43,4 милиони евра, во споредба со добивката од 30,6 милиони евра минатата година.
Во првата половина од 2025 година, EBITDA е повеќе од преполовена и изнесува 86,7 милиони евра, додека нето загубата е 30,6 милиони евра, спротивно на минатогодишната добивка од 45,1 милион евра.
На падот на резултатите влијаеле неколку фактори: континуираниот притисок од потенцијалните американски санкции од јануари, падот на цената на суровата нафта за 15%, ефектите од скапите залихи и загубите на поврзаната компанија Петрохемија. Таа претрпела загуба од 39,9 милиони евра, а секторите за преработка и маркетинг заеднички минус од 54,3 милиони евра.
Сегментот на истражување и производство забележал добивка од 63,6 милиони евра, но тоа е сепак помалку од минатогодишните 102,5 милиони евра.
Капиталните инвестиции на НИС во првата половина од годината изнесувале околу 105,2 милиони евра, главно насочени кон истражување и производство на нафта и гас. Сепак, од Momentum Securities предупредуваат дека вкупните капитални трошоци ќе бидат значително пониски од минатите две години, кога тие се движеа меѓу 340 и 425 милиони евра.
Акциите на НИС и понатаму не се тргуваат на Белградската берза, поради привремена суспензија од јануари. Санкциите на САД против компанијата повторно се одложени, сега до 27 август, што е веќе петто продолжување на рокот.
Извор: N1info.rs