Белград. 20 јуни 2025 – Нафтната индустрија на Србија (НИС) денеска соопшти дека поднела ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање специјална лиценца, со која би се одложила целосната примена на американските санкции воведени поради рускиот удел во сопственичката структура на компанијата.
Со ова барање, НИС настојува да обезбеди непречено функционирање и по 27 јуни, датумот на кој истекува важноста на претходната лиценца издадена на 25 април.
Компанијата на 14 март поднесе иницијатива за отстранување од листата на санкционирани субјекти (SDN – Specially Designated Nationals) на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која делува во рамки на американското Министерство за финансии.
Досега, НИС доби три вакви специјални лиценци, со кои беше одложена целосната имплементација на санкциите.
„И покрај комплексните околности во кои работиме, НИС продолжува со редовно снабдување на домашниот пазар со сите видови нафтени деривати и останува посветен на зачувување на социјалната стабилност на своите вработени,“ се наведува во соопштението на компанијата.
НИС е единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, експлоатација и преработка на нафта, како и со производство на природен гас.
Американските санкции против НИС беа воведени на 10 јануари оваа година, поради уделот на руската компанија Гаспромњефт во сопственичката структура. Санкциите се дел од пошироките напори на САД да ја ограничат можноста Русија да ги користи приходите од енергетскиот сектор за финансирање на војната во Украина.
Извор: Нова.рс