Мадрид. 24 април 2025 – Во текот на третата недела од април, шест европски држави забележале негативни цени на електрична енергија, покажува најновата анализа на консултантската куќа AleaSoft Energy Forecasting. Според расположливите податоци, негативни вредности биле регистрирани на пазарите во Белгија, Холандија, Франција, Германија, Португалија и Шпанија, што претставува сериозен сигнал за нестабилност и прекумерна понуда во енергетскиот сектор.
Според анализата, овој тренд бил особено изразен за време на велигденскиот викенд, но ибериското енергетско подрачје, кое ги опфаќа Португалија и Шпанија, бележело негативни или нулти цени секој ден во текот на изминатата седмица. Истовремено, додека некои пазари се соочуваат со негативни вредности, британскиот, италијанскиот и нордискиот пазар и понатаму избегнуваат вакви екстреми.
Според AleaSoft, главните причини за падот на цените се пониската побарувачка за електрична енергија и зголеменото производство од ветерните електрани.
Инаку, покрај оваа појава, AleaSoft, забележала и пад на соларното производство во Франција, Германија, Италија, Португалија и Шпанија, иако според нивните прогнози, во наредниот период, се очекува соларната енергија да се зголеми во Германија и Шпанија, додека падот ќе продолжи во Италија.
AleaSoft прогнозира и дека цените на електричната енергија ќе пораснат во текот на последната недела од април, пред се, поради растот на побарувачката и намаленото производство од ветерните електрани.
Овие динамични движења уште еднаш потврдуваат колку е енергетскиот пазар подложен на флуктуации и колку е важно да се има добро координирана енергетска стратегија на ниво на ЕУ.
Пазари со најниски цени во април:
- Португалија: 12,90 евра/MWh (со историски минимум од –4,99 евра/MWh на 20 април)
- Шпанија: 13,59 евра/MWh
- Холандија: рекордни –57,90 евра/MWh на 20 април во 13:00 часот
Пазари со највисоки цени во април:
Италија: 101,87 евра/MWh – највисока просечна неделна цена, и покрај тоа што на 17 април забележа пад до 82,34 евра/MWh, најниско ниво од јули минатата година
Извор: AleaSoft Energy Forecasting