Нафтата поскапе за речиси 5% поради нападите во Ормускиот теснец

Цените на нафтата пораснаа за речиси 5% по новите напади врз бродови во Ормутскиот теснец, што ги зголеми стравувањата од сериозни прекини во глобалното снабдување.

„Брент“ се зголеми за 4,18 долари (4,8%) и достигна 91,98 долари за барел, додека американската нафта WTI порасна за 3,80 долари (4,6%) на 87,25 долари за барел.

Неколку компании за поморска безбедност соопштија дека уште три бродови биле погодени во Ормускиот теснец, со што бројот на нападнати пловила од почетокот на војната со Иран се искачи на најмалку 14. Пловидбата низ теснецот, преку кој поминува околу една петтина од светската нафта, речиси е запрена по нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари.

РЕКЛАМА

Во текот на вчерашниот ден, Меѓународната агенција за енергија предложи ослободување на 400 милиони барели нафта од резервите, најголемо во историјата, со цел да се стабилизираат цените, кои од почетокот на конфликтот пораснале за повеќе од 25%. Аналитичарите оценуваат дека оваа количина е недоволна и изнесува околу четири дена од глобалното производство.

Во САД, резервите на сурова нафта пораснале повеќе од очекуваното, додека залихите на бензин и дестилати се намалиле. Вашингтон најави и ослободување на 172 милиони барели од Стратешките резерви.

Дополнителни нарушувања има и во регионот: ADNOC ја затвори рафинеријата Руваис по напад со дрон, додека Саудиска Арабија се обидува да го зголеми извозот преку Црвеното Море.

Според „Вуд Мекензи“, конфликтот моментално намалува околу 15 милиони барели дневно од снабдувањето на пазарот, што би можело да ја зголеми цената на нафтата и до 150 долари за барел.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил