ОБНОВЕНО: Трамп ги смири пазарите – нафтата падна за 13%

Цените на нафтата најпрвин забележаа раст од околу 1% на почетокот на тргувањето во текот на денешниот ден, поттикнати од засилените геополитички тензии меѓу САД и Иран и заканите за напади врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток.

Пазарите реагираа на најавите од Техеран дека би можеле да бидат таргетирани електроенергетски објекти во регионот на Персискиот Залив, вклучително и оние поврзани со американските бази, доколку биде нападнат иранскиот енергетски сектор. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп испрати остро предупредување, поставувајќи рок од 48 часа за отворање на Ормутскиот теснец, заканувајќи се со напади врз иранските електроцентрали.

Во ваква атмосфера, „Брент“ достигна 113,34 долари за барел, а американската сурова нафта WTI се искачи на 99,02 долари, при што аналитичарите предупредија дека секоја ескалација може дополнително да ги зголеми цените.

РЕКЛАМА

Сепак, подоцна во текот на денот дојде до остар пресврт на пазарите. Цените на нафтата паднаа за повеќе од 13%, откако Трамп соопшти дека ќе ги одложи евентуалните воени напади врз иранската енергетска инфраструктура.

По оваа најава, „Брент“ се намали за околу 17 долари и се спушти на околу 96 долари за барел, додека WTI падна за околу 13 долари, на приближно 85 долари за барел.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите нагли осцилации ја одразуваат високата чувствителност на нафтените пазари на политичките изјави и одлуки, особено во услови на веќе нарушено глобално снабдување и зголемена неизвесност околу клучните транспортни рути како Ормутскиот теснец.

Експертите предупредуваат дека, и покрај моменталниот пад, пазарите остануваат нестабилни и силно зависни од понатамошниот развој на односите меѓу Вашингтон и Техеран.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил