МОЛ доби зелено светло од САД за продолжување на преговорите за преземање на НИС

Унгарската нафтена компанија MOL Group доби одобрение од американските власти за продолжување на преговорите за купување на мнозинскиот удел во НИС, што претставува значаен чекор во процесот кој може да има големо влијание врз енергетската стабилност во регионот.

Одлуката е донесена од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при Министерството за финансии на САД, која го продолжи рокот за преговори до 22 мај 2026 година. Со тоа им се овозможува на страните да го финализираат договорот за купопродажба и придружната документација, како и учество на американски финансиски институции во трансакцијата.

Според планот, MOL Group би можел да преземе 56,15% од уделот во НИС кој моментално е во сопственост на Гаспром. Со ова, унгарската компанија би добила значајна управувачка улога во фирмата што ја поседува единствената нафтена рафинерија во Србија.

РЕКЛАМА

И покрај позитивниот сигнал од САД, експертите предупредуваат дека процесот е далеку од завршен. Економскиот консултант Бранислав Јоргиќ посочува дека следуваат повеќе клучни чекори, вклучително и финализација и потпишување на договорот, меѓудржавен енергетски договор меѓу Србија и Унгарија, како и одобрување од европските и домашните регулаторни тела за заштита на конкуренцијата.

Дополнително, се очекува Србија да откупи околу 5% од акциите, по што би се формирала заедничка компанија меѓу МОЛ и ADNOC, која би управувала со НИС. Отворено останува и прашањето за малите акционери, кои поседуваат околу 14% од компанијата.

Преговорите се одвиваат во сложен геополитички контекст. Во процесот е вклучен и партнер од Обединетите Арапски Емирати, додека глобалните енергетски предизвици, вклучително и нестабилноста на Блискиот Исток и проблемите со снабдување преку нафтоводот „Дружба“, дополнително ја комплицираат ситуацијата.

Во меѓувреме, оперативната лиценца на НИС е продолжена до 17 април, што привремено обезбедува континуитет во работењето. Сепак, честите одложувања создаваат неизвесност, a компанијата минатата година забележа загуба од околу 100 милиони евра, прва по 17 години работење.

Експертите оценуваат дека исходот од преговорите ќе зависи не само од економските, туку и од политичките фактори, вклучително и изборните процеси во регионот. Воедно, глобалните движења на цените на нафтата и снабдувањето остануваат клучен фактор што може да влијае врз конечната реализација на договорот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил