Вчера во Брисел се одржа состанок на министрите за енергетика на земјите членки на Европската Унија, на кој главни теми беа енергетската безбедност, растот на цените на енергијата и забрзувањето на транзицијата кон чисти извори. По состанокот, на прес-конференција се обратија кипарскиот министер за енергетика Мајкл Дамијанос и еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргенсен.
Во фокусот на разговорите беше влијанието на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток врз европските енергетски пазари и потребата од дополнително зајакнување на енергетската независност на Унијата.
Министерот Дамијанос истакна дека достапноста на енергијата и натаму е едно од најголемите прашања за европските граѓани и компании, особено во услови на зголемени цени и неизвесност на глобалните пазари. Според него, министрите на состанокот размениле информации за националните мерки со кои се поддржуваат домаќинствата и бизнисите, како и за можностите за зајакнување на енергетската унија.
Тој нагласи дека забрзувањето на транзицијата кон обновливи извори на енергија, електрификацијата и инвестициите во енергетската инфраструктура се клучни за намалување на трошоците за енергија и за зголемување на конкурентноста на Европа.
„Подобро поврзаните електроенергетски мрежи ќе овозможат чистата енергија полесно да се движи низ Европа, што ќе ја зголеми отпорноста на Унијата на надворешни енергетски шокови“, изјави Дамијанос.
На состанокот беше посочено и дека за спроведување на енергетската транзиција на ЕУ се потребни околу 660 милијарди евра инвестиции годишно, додека сегашното ниво на вложувања е речиси двојно помало. Европските претставници нагласија дека покрај јавните средства, ќе биде неопходно и значително вклучување на приватниот сектор.
Во таа насока, било разговарано за создавање постабилна и предвидлива регулаторна рамка, како и за финансиски инструменти што ќе го намалат ризикот за инвеститорите и ќе овозможат поголеми вложувања во енергетските проекти.
Министрите дискутирале и за инвестиции во електроенергетските мрежи, водородната инфраструктура, нуклеарните капацитети и другите технологии кои треба да придонесат за декарбонизација на европската економија.
Посебно внимание на состанокот било посветено и на Украина и Молдавија. На разговорите учествувале и министрите за енергетика на двете земји, при што европските претставници повторно ги осудија нападите врз украинската енергетска инфраструктура и ја потврдија поддршката на ЕУ.
Еврокомесарот Јоргенсен предупреди дека ескалацијата на кризата на Блискиот Исток дополнително ги зголемува притисоците врз цените на енергијата, што директно се одразува врз европските домаќинства и компании.
„Наш приоритет е да ги намалиме сметките за енергија на граѓаните и да обезбедиме заштита за најранливите категории“, изјави Јоргенсен, додавајќи дека Европската комисија подготвува нов пакет мерки.
Според него, овие мерки ќе ги опфатат сите компоненти што ја формираат цената на електричната енергија, самата цена на енергијата, мрежните трошоци, даноците и трошоците поврзани со јаглеродните емисии.
Јоргенсен истакна дека Европската Унија мора да ја искористи актуелната криза како можност дополнително да ја зајакне енергетската независност и да ја намали зависноста од нестабилните глобални пазари.
„Европа има избор, да остане зависна од глобалните енергетски пазари или да ја преземе контролата врз сопствената енергетска иднина. Нашата насока е јасна – повеќе домашна чиста енергија, подобри мрежи и поголема поврзаност меѓу земјите членки“, нагласи тој.
На состанокот се разговарало и за координацијата на поддршката за украинскиот енергетски сектор, особено во пресрет на зимскиот период. Европските претставници повторија дека поддршката за Украина ќе продолжи, нагласувајќи дека безбедноста на Украина е и безбедност на Европа.
Енергетика 24
