Министерот за економија на Хрватска Анте Шушњар во интервју за Јутарњи лист изјави дека Хрватска влегува во фаза на јасно дефинирање на новата енергетска и индустриска политика, со цел обезбедување долгорочна енергетска сигурност, индустриски развој и поголема конкурентност на економијата.
Осврнувајќи се на европските и глобалните трендови, Шушњар истакна дека Европа по долг период на стагнација повторно се насочува кон реиндустријализација, што за Хрватска претставува и можност и обврска навремено да ги утврди сопствените стратешки приоритети.
Министерот нагласи дека стабилен и сигурен енергетски систем е основа за економски раст и јакнење на индустријата. Без одржлив енергетски микс, предупреди тој, не може да се обезбеди конкурентност ниту да се поттикнат нови инвестиции. Според него, енергетската политика мора да се води централизирано, во рамки на Министерството за економија, и во интерес на граѓаните и стопанството.
Во интервјуто, Шушњар по првпат јасно ја дефинираше нуклеарната енергија како посакувана опција во процесот на декарбонизација, паралелно со обновливите извори. Новата законска рамка, како што појасни, не значи итна изградба на нуклеарна електрана, туку создавање услови струката да донесе информирани одлуки. Реална одлука за идниот развој на нуклеарната енергија, преку мали модуларни реактори или други модели, се очекува во наредните 18 месеци.
Тој ги отфрли тврдењата дека се занемаруваат обновливите извори, нагласувајќи дека главен предизвик е ограничениот капацитет на електроенергетската мрежа. Затоа, приоритет се инвестиции во инфраструктурата, складирање на енергија и батериски системи, со цел стабилност на системот и пониски цени за потрошувачите.
Говорејќи за новата индустриска стратегија, министерот истакна дека фокусот ќе биде ставен на зголемување на продуктивноста преку дигитализација, автоматизација и декарбонизација на преработувачката индустрија, како и на поголеми вложувања во истражување и развој. Целта е развој на индустрии со поголема додадена вредност и намалување на зависноста од масовна работна сила.
На крајот, Шушњар порача дека државата мора да има активна улога во управувањето со стратешките системи од национален интерес и дека клучните одлуки не смеат да бидат водени од краткорочни политички калкулации. Хрватска, како што рече, располага со знаење и ресурси, но без јасна визија и одлучни потези нема одржлив развој ниту во енергетиката ниту во индустријата.
Извор: Jutarnjilist.hr
