Во 2025 година во светот биле продадени околу 13,7 милиони батериски електрични автомобили (BEV), што претставува раст од 30% во споредба со претходната година. Само во последниот квартал, за првпат е надмината границата од четири милиони продадени електрични возила, покажуваат анализите на PwC Autofacts и Strategy&, засновани на податоци од околу 40 најзначајни автомобилски пазари во светот.
Во четвртиот квартал од 2025 година, BEV моделите учествувале со повеќе од 20% во вкупната глобална продажба на возила, што втор квартал по ред ја потврдува забрзаната електрификација на автомобилската индустрија.
Кина клучен двигател на растот
Кина останува убедливо најголемиот светски пазар за електрични автомобили. Во текот на 2025 година таму биле продадени речиси девет милиони BEV возила, што е раст од 33% на годишно ниво. Само во последниот квартал, продажбата пораснала за 16%, поттикната од зголемената понуда на подостапни електрични модели. Во исто време, продажбата на приклучни хибриди (PHEV) во Кина опаднала за 12%, втор квартал по ред.
Европа со рекорден квартал
Европскиот пазар исто така забележа силен раст. Во 2025 година на Стариот континент биле продадени околу 2,6 милиони батериски електрични автомобили, што е зголемување од околу 30% во однос на 2024. Во четвртиот квартал, продажбата во петте најголеми европски пазари, Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Шпанија, пораснала за 41%.
Како резултат, секое петто ново возило продадено во овие земји во последниот квартал било целосно електрично, што е највисок забележан удел досега. Германија повторно го предводи европскиот пазар со над 540.000 продадени електрични возила во текот на годината и раст од 56% во четвртиот квартал. Франција и Обединетото Кралство достигнаа рекордни квартални удели од 25, односно 28%, додека Шпанија и Италија бележат силно забрзување со годишен раст од 77% и 44%.
Меѓу другите европски пазари, Норвешка се истакна со раст од 93%, додека уделот на електрични возила во Данска достигна 75%, а во Холандија 53%.
Забавување во САД
За разлика од Европа и Кина, американскиот пазар во последниот квартал од 2025 година забележа пад од 31% на годишно ниво. Анализата ова го поврзува со истекот на дел од федералните даночни олеснувања за електрични возила на крајот на септември, по што следеше забавување на побарувачката, откако купувачите масовно ги искористија стимулациите во третиот квартал.
И покрај регионалните разлики, податоците укажуваат дека 2025 година била клучна за глобалната транзиција кон електрична мобилност, со рекордна продажба и сè поголем удел на електричните возила на светските пазари.
Извор: Strategyand.pwc.com/
