Мицкоски: Владата го намали ДДВ за горивата, бензините без поскапување

Скопје. 22 март 2026 – На денешната прес-конференција, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата донела одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за бензините и дизел горивото од 18 на 10%, со цел да се спречи ценовен шок и да се заштити стандардот на граѓаните.

„Се соочуваме со предизвик којшто е навистина голем. Не сме исклучок од кризата што се случува поради настаните и воените конфликти на Блискиот Исток“, истакна Мицкоски, посочувајќи дека растот на цените на горивата директно влијае врз семејните буџети и економијата.

Тој нагласи дека без владината интервенција би следело значително поскапување: „Според нашите пресметки, бензините ќе се зголемеа за околу 6,5 денари по литар, додека дизелот за над 10 денари.“ Со новата мерка, како што рече, „очекуваме цената на бензините да остане иста, односно непроменета, а цената на дизелот да се зголеми минимално, за околу 3,5 денари по литар“.

РЕКЛАМА

Премиерот информираше дека Владата веќе разговарала со ОКТА, од каде е обезбеден попуст од 2 денари по литар, со можност истиот да биде дополнително зголемен. „Очекувам да имаме и пониски цени од максималните што ги утврдува РКЕ“, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека со мерката се обезбедува значителна заштеда за граѓаните и компаниите: „Со ова на граѓаните им заштедуваме околу 200 илјади евра на ден, односно над 1,5 милиони евра неделно.“

Покрај ова, Мицкоски посочи и дека државата во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот, што веќе предизвикува зголемена потрошувачка. „Имаме притисок од соседните земји, односно зголемена потрошувачка за околу 9%, особено во пограничните општини“, изјави тој.

Мерката за намалување на ДДВ ќе стапи во сила од полноќ меѓу 23 и 24 март и ќе важи во наредните две недели, со можност за продолжување. Премиерот најави дека Владата внимателно ќе ја следи состојбата и ќе реагира доколку има потреба од нови интервенции.

Осврнувајќи се на енергетскиот сектор, Мицкоски рече дека состојбата е стабилна, но најави можни дополнителни мерки во ЕСМ за да се спречи евентуално зголемување на цената на електричната енергија.

Воедно, упати апел до бизнис заедницата: „Во време на криза, никој нема право да гради профит на грбот на граѓаните“, додавајќи дека ќе има засилени контроли и санкции за евентуални злоупотреби.

„Во услови на глобална криза, државата не смее да биде дополнителен товар. Со овие мерки директно го намалуваме притисокот врз граѓаните“, порача Мицкоски.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил