Скопје. 25 ноември 2025 – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата нема да ја либерализира цената на електричната енергија за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар, бидејќи тоа би предизвикало поскапување на сметките за најмалку 30 до 35%.
На прес-конференција посветена на доделувањето решенија за самовработување од Оперативниот план за вработување, премиерот Мицкоски нагласи дека државата има „јасен план и јасен фокус“ во спроведувањето на Реформската агенда и напредокот кон ЕУ.
Тој појасни дека Законот за енергетика, кој е усогласен со Европската комисија, веќе е донесен во Парламентот, но не е сметан за целосно реализиран чекор бидејќи сè уште недостигаат подзаконските акти. Според правилата на Европската енергетска заедница, тие имаат рок од девет месеци за една група и 18 месеци за друга, што го поместува целосното имплементирање најрано до крајот на 2026 година.
„Имаме две опции – или да го поместиме овој чекор за декември 2026 година, или да го прифатиме донесувањето на законот како завршен дел од реформата“, рече премиерот.
Мицкоски повтори дека Владата свесно нема да ја отвори либерализацијата на пазарот за домаќинствата, бидејќи тоа би донело значително поскапување на електричната енергија.
„Тоа нема да го направиме. Нашата одговорност е да ги заштитиме граѓаните и фирмите од дополнителни трошоци“, изјави тој.
Енергетика 24
