Мицкоски најави поевтинување на нафтените деривати за околу 2,5 денари по литар

Скопје. 13 март 2026 – Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска најави намалување на цените на нафтените деривати во текот на денот, при што се очекува поевтинување од околу 2,5 денари по литар.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека изминативе денови Владата работела заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и со најголемиот снабдувач на гориво во земјава, компанијата „ОКТА“, со цел да се обезбеди пониска цена за компаниите и граѓаните.

„Добра вест за македонските граѓани е што ‘ОКТА’ од денеска на компаниите со кои соработува ќе им одобри попуст од околу 45 до 50 долари по тон, што би значело намалување од околу 2,5 денари по литар“, изјави Мицкоски.

РЕКЛАМА

Тој посочи дека разговарал и со сопственици на бензински пумпи, кои, како што рече, најавиле дека попустот ќе го пренесат на крајните потрошувачи. Со оглед на тоа што Регулаторната комисија за енергетика ја утврдува највисоката цена на горивата, премиерот очекува намалувањето да се почувствува уште во текот на денот, по официјалното објавување на новите цени.

Според неговите проценки, со намалувањето цената на дизелот во земјава би изнесувала околу 1,35 евра за литар.

Мицкоски направи и споредба со цените во регионот и Европа, истакнувајќи дека во Србија и Албанија дизелот веќе надминува 1,80 евра за литар, во Косово се движи меѓу 1,50 и 1,60 евра, додека во дел од земјите на Европската Унија цената е над 2 евра, а на некои пазари достигнува и 2,2 евра за литар.

„Тоа што го ветивме, тоа и го реализираме. Македонските граѓани ќе користат едни од најевтините нафтени деривати, и покрај тоа што сме на неколку стотици километри од сериозни воени дејства. Со добра организација и конструктивен дијалог успеваме да ги надминеме овие предизвици“, изјави премиерот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил