Давос. 23 јануари 2026 – Македонија интензивно ја зајакнува енергетската инфраструктура преку изградба на нови гасни интерконектори и крупни хидроенергетски проекти, со цел да обезбеди долгорочна енергетска стабилност и да ја зголеми атрактивноста за странски инвестиции. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на панел-дискусија и средби со инвеститори во рамки на Светскиот економски форум во Давос.
Како што информираше Мицкоски, во тек е изградбата на гасен интерконектор со Грција, а наскоро ќе започне и реализацијата на гасен интерконектор со Србија. Со овие поврзувања, земјата значително ќе го зголеми капацитетот за снабдување со природен гас, до осум милијарди кубни метри годишно, наспроти сегашната потрошувачка од околу половина милијарда кубни метри.
Премиерот нагласи дека зајакнувањето на преносните капацитети за електрична енергија и гас е клучен предуслов за развој на современи дата-центри и примена на вештачката интелигенција, области кои бараат сигурно и одржливо енергетско снабдување. Во тој контекст, Владата, како што посочи, го презема целиот институционален ризик, што претставува силен поттик за потенцијалните инвеститори.
Покрај гасната инфраструктура, Мицкоски најави и реализација на три големи хидроенергетски проекти на Црна Река, со вкупна вредност од околу две милијарди евра. Проектите опфаќаат изградба на три брани и каскаден систем на хидроцентрали, кои ќе придонесат за зголемено производство на електрична енергија, но и за создавање значајни резерви на чиста вода за пиење.
Според премиерот, управувањето со водните ресурси добива сè поголемо значење во услови на климатски промени, а новите резервоари ќе обезбедат долгорочна водна безбедност за регионот. Дополнително, каскадниот систем ќе има позитивно влијание врз земјоделството, особено во Тиквешкиот регион, кој важи за едно од најплодните подрачја во Европа.
Осврнувајќи се на темата вештачка интелигенција, Мицкоски потенцираше дека зад овој концепт мора да стои реална технолошка и енергетска основа, а не само политичка реторика. Со најавените проекти, како што заклучи, Македонија се позиционира како стабилен и кредибилен партнер за инвеститорите и како важен енергетски фактор во поширокиот регион.
Енергетика 24
