Мицкоски: Ќе поведам регионална иницијатива за здружување за инвестиции во енергетиката

Скопје. 25 март 2026 – Премиерот Христијан Мицкоски во синоќешното интервју во емисијата „Заспиј ако можеш“ зборуваше за можноста регионот заеднички да настапува во привлекувањето идни енергетски инвестиции, со цел да се одговори на растечките глобални потреби.

Тој потсети дека на своето последно учество на Светскиот економски форум во Давос, на една од панел-дискусиите имал можност да учествува заедно со директорот на ИЕА, Фатих Бирол, американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, како и претставници на АЕС и АРАМКО. Главна тема на дискусијата биле идните енергетски предизвици на глобално ниво.

„Бирол посочи дека потребите за енергија во следната деценија ќе растат, но побарувачката за електрична енергија ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната потрошувачка на енергија. Во истиот период ќе недостигаат околу 40.000 теравати инсталиран капацитет на глобално ниво. За подобра претстава, тоа е еднакво на моменталниот инсталиран капацитет на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно. Толкав нов капацитет ќе треба да се изгради во следната деценија.

РЕКЛАМА

Доколку ние како поединечна држава се појавиме со иницијатива, можеби нема да бидеме доволно препознатливи. Но, ако настапиме како регион, Западен Балкан, имаме поголеми шанси, бидејќи далноводите и гасоводите не познаваат граници. Доколку успееме да привлечеме само 0,1% од тие 40.000 теравати, тоа би значело 4 теравати нови капацитети во регионот.

Ако се земе предвид дека цената за изградба на еден мегават изнесува околу еден милион американски долари, станува збор за инвестиции од околу 4 трилиони долари. Распределени на период од 10 години, тоа се околу 400 милијарди долари годишно. За споредба, вкупниот номинален БДП на шесте земји од Западен Балкан изнесува околу 250 милијарди долари. Значи, зборуваме за само 0,1% од глобалните потреби во наредната деценија“, објасни премиерот.

Мицкоски додаде дека веќе разговарал со дел од своите колеги за оваа идеја и најави дека планира да ја отвори темата на следниот состанок ЕУ – Западен Балкан во Подгорица, со цел иницијативата да прерасне во регионален проект.

„Предлог добив и од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, иницијативата да ја брендираме како SECI (Skopje Electricity Connectivity Initiative). Идејата е првиот состанок да се одржи токму тука, каде што сите земји ќе предложат конкретни проекти. Тие ќе бидат дел од заеднички регионален портфолио-пакет што ќе им се понуди на странските инвеститори.

Понатаму, треба да дефинираме приоритети и да формираме национални тимови од секоја земја – од Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина – кои ќе работат координирано. Тие тимови би се распределиле во различни глобални центри за да го промовираат регионот како атрактивна инвестициона дестинација во енергетскиот сектор.

Ова е важно не само за Европа, туку и за нас како регион, бидејќи испраќа силна политичка порака дека можеме да се обединиме околу заедничка цел и да работиме заедно“, заклучи Мицкоски.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил