Мицкоски: Енергетиката е државна стратегија и национален приоритет

Скопје. 28 октомври 2025 – „Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија,“ порача премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што денес започна во Скопје.

Форумот, кој ги обединува повеќе од 500 учесници од околу 70 земји, се одржува под покровителство на Владата на Република Македонија и Економската комисија на Обединетите нации за Европа.

Во обраќањето, премиерот Мицкоски нагласи дека Македонија сè повеќе се позиционира како сериозен регионален фактор во енергетиката и домаќин на глобалната дебата за иднината на енергијата.

РЕКЛАМА

„Ова е момент на гордост, но и момент на одговорност. Денес светот гледа кон нас не како кон мала земја, туку како кон партнер кој активно ја обликува агендата за одржлив развој,“ истакна Мицкоски.

Тој додаде дека енергетската транзиција, која некогаш изгледала недостижна и скапа, денес станува реалност благодарение на јасната визија и реформите што ги спроведува Владата.
„Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија, тоа е дел од нашата современа борба за независност,“ рече премиерот, додавајќи дека енергетската стабилност веќе не е само економско, туку и безбедносно прашање.

„Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е предуслов за економска слобода. А без слобода, нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство,“ потенцираше Мицкоски.

Премиерот посебно ја истакна улогата и визионерството на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која, како што рече, „со решителност и енергија ги забрзува процесите и ја води Македонија кон нова енергетска ера“.

Во говорот, Мицкоски потсети дека во изминатите месеци се направени значајни чекори во изградбата на енергетски интерконектори со соседните земји, во проширувањето на капацитетите за обновливи извори и во поставувањето на нови соларни и ветерни паркови.

„Тоа што пред една деценија беше визија на хартија, денес е реалност што ја напојува нашата иднина,“ изјави тој.

Мицкоски подвлече дека државата не се плаши од транзицијата, туку оди напред со визија, знаење и партнерства.
„Да ја претвориме енергијата од оваа сала во конкретни дела – инвестиции, заеднички проекти, доверба и резултати. Од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации,“ порача премиерот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба