Скопје.17 јуни 2025 – Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во своите обраќања за време на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2025, потенцираа дека енергетската транзиција на Македонија мора да биде заснована на еколошка правда, јавен интерес и европска интеграција.
Настапувајќи на отворањето на Форумот, Меџити истакна дека за земјите од Западен Балкан не постои избор меѓу економскиот развој и заштитата на животната средина, туку, потребен е интегриран модел кој ќе ги обедини двете.
„Без чист воздух, безбедна вода и здрави екосистеми нема ниту одржлив раст, ниту долгорочна безбедност. Енергетската транзиција мора да биде правична и да го има јавниот интерес во срцето на секоја одлука“, рече Меџити, нагласувајќи ја посветеноста на Министерството кон визија што ги става граѓаните и природата во фокусот.
На панелот „Финансирање на енергетските амбиции“, министерот Орхан Муртезани ја истакна важноста на усогласување со Европскиот зелен договор и забрзување на преминот кон обновливи извори на енергија.
„Динамичните геополитички текови само ја засилија потребата од енергетска независност. Владата го ревидираше Националниот енергетски и климатски план, мобилизирајќи ги сите достапни финансиски механизми како ИПА фондовите и Инвестициската рамка за Западен Балкан“, изјави Муртезани.

Како приоритетни области, министерот ги посочи:
- производство на обновлива енергија,
- модернизација на електропреносната мрежа,
- енергетска ефикасност и
- електрификација на транспортот.
Тој нагласи дека Владата веќе спроведува конкретни проекти во овие сектори со цел подобрување на урбаниот транспорт, зголемување на енергетските перформанси на јавните објекти и градење на долгорочно одржлива инфраструктура.
„Македонија останува посветен и активен партнер во регионалниот процес на енергетска трансформација. Преку визионерски пристап, усогласени политики и силни меѓународни партнерства, ние не само што одговараме на глобалните предизвици, туку и активно учествуваме во нивното обликување“, заклучи Муртезани.
МЕФ 2025, кој оваа година се одржува по осми пат, претставува регионална платформа за дијалог и заеднички пристапи кон забрзана зелена транзиција и декарбонизација на регионот до 2050 година. Форумот ги обединува креаторите на политики, инвеститорите и експертите околу визијата за почиста, побезбедна и поконкурентна енергетска иднина на Западен Балкан.
Енергетика 24