Скопје. 6 август 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини известува во подготовка е ново законско решение со кое ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата, односно потрошувачите-производители, на 10 kW, а истовремено ќе се скрати рокот за издавање дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. За првпат во законската регулатива се предлага да се воведе законски рок за административната постапка за издавање дозволи за поставување кровни фотоволтаици за потрошувач-производител.
Овие измени се предвидени во предлозите за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, кои Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги објави на платформата ener.gov.mk.
Рокот од еден месец ќе се однесува на постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW, како и за потрошувач-производител на обновлива енергија и за заедници на обновлива енергија. Со измените, потрошувачите-производители добиваат повисоки прагови за своите електрани — за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а за компаниите до 70 kW.
Со предложените измени се поедноставува и постапката за приклучување на електродистрибутивната мрежа на потрошувач-производител што користи обновливи извори на енергија (ОИЕ). Доколку при анализа на условите за приклучување се утврди дека предложената локација не е погодна, операторот на електродистрибутивниот систем е должен, во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за приклучок, писмено да го извести барателот и да му предложи алтернативна точка за приклучување, врз основа на технички и безбедносни причини или некомпатибилност на компонентите на системот.
Операторот на електродистрибутивниот систем е должен да го приклучи енергетскиот објект на мрежата во рок од еден месец од официјалното потврдување на комплетноста на поднесената документација. Доколку операторот не се произнесе во рокот пропишан со мрежните правила, се смета дека е дадена согласност за приклучување.
Со ова законско решение се прави решителен чекор кон енергетска независност и интеграција на обновливите извори на енергија, со што се намалува потрошувачката на енергија, како и емисиите на јаглерод диоксид, азотни оксиди (NOx), неметански јаглеводороди и честички, и се обезбедува усогласување со стандардите на ЕУ.
Пакетот мерки истовремено ја зајакнува енергетската ефикасност и создава стабилна рамка за развој на обновливите извори на енергија, со директни економски и еколошки придобивки за граѓаните и бизнисите.
Документот е изработен по принципот „енергетска ефикасност на прво место“ и отвора јасен и практичен пат за побрза транзиција кон почиста животна средина, без да се загрози стабилноста на системот.
Министерството предлага и 20-годишна стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради со енергетски ефикасни решенија. Владата, на предлог на МЕРМС, донесува долгорочна стратегија за реконструкција на овие објекти, трансформирајќи ги во високо енергетски ефикасни градби со речиси нулта потрошувачка на енергија и можност за широка интеграција на обновливи извори, како што се соларните системи.
Со имплементација на ОИЕ ќе се намалуваат стакленичките гасови, ќе се заштити животната средина и ќе се придонесе кон постигнување климатска неутралност.
Тројно ќе се зголеми и заштедата во јавниот сектор. МЕРМС, во соработка со Службата за општи и заеднички работи при Владата, подготвува предлог-план за реконструкција на згради кои се користат во јавниот сектор. Со реконструкција на најмалку 3% од корисната подна површина на овие објекти годишно, заштедата на енергија ќе се зголеми од 1% на 3%. Ова се однесува на објекти со вкупна корисна површина над 250 м², кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, а кои ги користат институции на државно ниво.
Инсталацијата на соларни колектори за топла вода станува задолжителна за новите јавни објекти, како и при значајна реконструкција, доколку е технички и економски изводливо.
МЕРМС воспоставува и финансиски механизми, јавни повици и едношалтерски систем за поддршка на проекти за енергетска ефикасност и ОИЕ, овозможувајќи инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии — како алатки за реализација на целите на Стратегијата за реконструкција.
Јавниот сектор се обврзува да набавува производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди, вклучувајќи и сертификати за енергетски карактеристики, со што се промовираат технологии со низок јаглероден отпечаток.
Измените предвидуваат и можност за меѓуопштинска соработка за локален развој во општини со помалку од 15.000 жители. Тие ќе можат да формираат заеднички тела за програми за енергетска ефикасност, а со усвојување програма ќе добијат пристап и до Фондот за енергетска ефикасност.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини