Скопје. 4 септември 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека заврши јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за ранливи категории потрошувачи. Огласот беше отворен до 30 август, а пристигнаа вкупно 878 барања.
Најмногу апликации има од домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост – 296, потоа 227 домаќинства со лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 201 домаќинство со потполно слепи лица и 154 со потполно глуви лица.
Како што соопштува Министерството, комисиите веќе работат на обработка на пријавите и од следната недела податоците ќе бидат доставувани до надлежните институции. Финансиската поддршка ќе се обезбедува преку намалување на месечната сметка за струја во износ од 1000 денари, во траење од 12 месеци.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна:
„Со оваа мерка испраќаме јасна порака дека државата стои зад оние на кои поддршката им е најпотребна. Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби.“
Од Министерството потсетуваат и дека е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со рок за аплицирање до крајот на месецот.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси