Скопје. 21 јули 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека продолжува со имплементација на мерките за директна финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, со цел намалување на трошоците за потрошена електрична енергија. Овие мерки се насочени кон унапредување на животниот стандард на домаќинствата со деца со попреченост, како и на семејствата згрижувачи.
Во овој контекст, од Министерството соопштуваат дека се донесени Решенија за финансиска поддршка на:
- домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток;
- домаќинства згрижувачи кои згрижуваат од едно до пет лица во своето семејство.
Согласно Протоколот потпишан со ЕВН Хоме, на месечно ниво, најдоцна до 5-ти во месецот, контакт-лицата од Министерството доставуваат листи на корисници до контакт-лицата на ЕВН. На овие корисници им се намалуваат фактурите за потрошена електрична енергија за актуелниот месец, согласно Програмата.
Листите се доставуваат електронски, на e-mail адресата: kontakt_ranlivi@evn.mk, и треба да бидат во Excel формат (.xls / .xlsx), со следните податоци:
- Број на донесено Решение од Министерството;
- Број на корисник од базата на ЕВН Хоме;
- Број на место на потрошувачка;
- Износ на директна финансиска поддршка.
По доставување на листите, а најдоцна во рок од три работни дена, Министерството ја врши уплатата на вкупниот износ на директна финансиска поддршка за тој месец на ЕВН Хоме. Информацијата за налогот за исплата се доставува на e-mail адресата: kontakt_ranlivi@evn.mk.
ЕВН Хоме, најдоцна три дена од добивање на средствата, на корисниците од листата им го одобрува дефинираниот износ на финансиска поддршка, евидентирајќи го како претплата на бројот на корисник. Претплатата ќе биде видлива во евиденцијата на ЕВН Хоме и ќе се користи за намалување на износот за плаќање на следната фактура за електрична енергија. Намалувањето ќе биде прикажано како „Износ во претплата“ во фактурата.
Доколку износот во претплата е поголем од вкупниот износ за плаќање, преостанатиот износ ќе се префрли за намалување на следните фактури, сè до негово целосно искористување.
По евидентирање на претплатите, ЕВН Хоме до контакт-лицата од Министерството доставува вкупен извештај за евидентираните претплати за сите категории на корисници од овој јавен оглас.
Со оваа иницијатива, институциите го потврдуваат својот ангажман во насока на создавање социјално одговорно општество и обезбедување поддршка таму каде што е најпотребна.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласуваат дека ќе продолжат активно да работат на реализација на програмите кои го олеснуваат пристапот до енергија за ранливите категории, во партнерство со сите релевантни чинители.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини