Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека во рамки на престојот во Вашингтон како дел од високата владина делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, министерката Сања Божиновска остварила средба во Белата куќа со Џарод Аген, заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД.
Како што информираат од Министерството, средбата поминала во конструктивна и суштинска атмосфера, со фокус на стратешките приоритети и можностите за унапредување на билатералната соработка во енергетскиот сектор. Од двете страни, средбата била оценета како продуктивна и корисна.
На разговорите биле разменети мислења за повеќе клучни теми, меѓу кои енергетската безбедност, стабилноста на снабдувањето, диверзификацијата на енергетските извори, како и развојот на инфраструктурни проекти од заеднички интерес.
Министерката Божиновска ја истакнала подготвеноста на Македонија за продлабочување на соработката со САД, нагласувајќи дека ваквото партнерство има значајна улога за долгорочниот развој и стабилност на енергетскиот сектор.
Од американска страна било посочено дека постојат бројни можности за соработка кои би можеле значително да влијаат врз енергетскиот развој во регионот во наредните децении. Соговорниците се согласиле дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката преку конкретни проекти што ќе придонесат за економски раст и енергетска сигурност.

Претходно, Џерод Аген на својата LinkedIn платформа сподели детали од средбата, истакнувајќи го интересот за продлабочување на енергетските партнерства меѓу двете земји. Во објавата, тој наведе дека разговорите опфатиле повеќе теми, вклучително и снабдување со американски ЛНГ, мали модуларни реактори, критични минерали и развој на електроенергетската мрежа.
„Денес во Белата куќа ја пречекав министерката за енергетика Сања Божиновска за да разговараме за проширување на енергетските партнерства. Опфативме многу прашања – американски ЛНГ, мали модуларни реактори, критични минерали, електрична мрежа и друго. Постојат многу можности за долгорочни договори за американска енергија што можат да го променат енергетскиот пејзаж во регионот со децении“, напиша Аген.
Средбата, како што се наведува, отвора простор за потенцијални инвестиции и долгорочни договори во енергетскиот сектор, особено во делот на снабдување со течен природен гас и развој на стабилни извори на енергија, со што би се зајакнала енергетската сигурност и соработката меѓу двете земји.
Енергетика 24
