АД МЕПСО, операторот на електропреносниот систем на Македонија, во изминатиот период реализираше низа значајни активности со кои ја зацврсти стабилноста на националната мрежа, го унапреди технолошкото функционирање и направи конкретни чекори кон регионална интеграција. Проектите што се во тек го потврдуваат стратешкиот фокус на компанијата – сигурен пренос, модерна инфраструктура и европска усогласеност во работењето.
Во трансформаторската станица Дуброво е пуштен во пробна работа нов високонапонски трансформатор, кој значително ја подобрува напонската состојба и ја зголемува сигурноста на снабдувањето во југоисточниот регион. Истовремено, во ТС Скопје 2 се изведуваат активности за ревитализација на високонапонската опрема, со цел зголемена доверливост на системот и намалување на ризикот од прекини. Овие проекти се дел од пошироката стратегија на МЕПСО за модернизација на преносната мрежа и создавање инфраструктура што ќе може да ги поддржи новите обновливи извори на енергија кои се приклучуваат на системот.
Паралелно, компанијата направи голем чекор кон регионално поврзување. Објавен е меѓународниот тендер за изградба на 400 kV интерконекција со Албанија, што ќе ја поврзе Македонија со албанскиот електроенергетски систем и ќе создаде нов европски преносен коридор во насока исток–запад. Дополнително, со операторот КОСТТ од Косово е потпишан меморандум за соработка за интерконекцијата Тетово–Призрен, која ќе овозможи двојно зголемување на преносните капацитети и стабилност на снабдувањето во северозападниот дел на земјата.
„Регионалната поврзаност е суштински дел од нашата енергетска иднина. Со овие проекти, Македонија станува дел од современата европска мрежа со можност за поголема размена на енергија и подобра сигурност на системот,“ изјави генералниот директор на МЕПСО, доц. д-р Бурим Љатифи.
Покрак ова, во насока на дигитална трансформација, по долг период на застој, започна изградбата на подземната оптичка линија Ѓорче Петров – МЕПСО – ТЕТО, долга 12 километри. Новата комуникациска инфраструктура ќе овозможи побрз и побезбеден пренос на податоци и ќе ја зајакне технолошката самостојност на компанијата, со значителни годишни заштеди и унапредена сајбер-безбедност.
Истовремено, МЕПСО ја зацврсти и својата улога во европските енергетски тела. Компанијата беше домаќин на Комитетот за развој на електроенергетските системи на ENTSO-E, а нејзини претставници учествуваа на генералното собрание во Брисел. Со партнерите од регионот – КОСТТ, OST и SELeNe CC – се работи на воспоставување заеднички пазар на електрична енергија (market coupling), што ќе овозможи поголема конкурентност и пониски трошоци за крајните потрошувачи.
Исто така, во јавноста беше презентиран и Десетгодишниот план за развој на електропреносниот систем 2025–2035, со кој се дефинираат инвестициите во нови трансформаторски станици, далекуводи, системи за автоматизација и складирање енергија. Документот претставува основа за идниот развој на националната мрежа и ја трасира насоката кон целосна дигитализација и интеграција на обновливите извори.
Во изминатиот период, електропреносниот систем функционираше стабилно и без потреба од активирање на дополнителни мерки. Новите правила за балансирање, усогласени со европските стандарди, придонесуваат за транспарентно управување со енергетските текови и сигурна работа на системот.
Со реализираните инвестиции, засилената меѓународна соработка и планирањето на идните проекти, МЕПСО ја потврдува својата улога како важен фактор во националниот и регионалниот енергетски систем. Компанијата останува насочена кон модернизација, стабилност и целосно интегрирање во европската енергетска мрежа.
Енергетика 24