МЕПСО: ИЗБРАН ИЗВЕДУВАЧ ЗА ИЗГРАДБА НА 400 kV ИНТЕРКОНЕКЦИЈА БИТОЛА – ЕЛБАСАН

АД МЕПСО ја информира јавноста дека е успешно завршена постапката за избор на најповолен понудувач за реализација на проект од највисок стратешки интерес – изградба на 400-киловолтната интерконекција Битола – Елбасан (Компонента 1: далекувод од ТС Битола 2, преку ТС Охрид, до македонско-албанската граница).

Со овој значаен чекор, компанијата официјално го рестартира проектот кој ќе овозможи воспоставување клучна енергетска поврзаност помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

По спроведената меѓународна постапка за јавна набавка преку системот за е-набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), објавена на 25.04.2025 година, и по темелна евалуација на доставените понуди, како најповолен понудувач е избран меѓународниот конзорциум предводен од DALEKOVOD d.d. од Република Хрватска.

РЕКЛАМА

Вкупната вредност на прифатената понуда изнесува 19.696.200,85 евра.

Целокупната постапка беше спроведена во целосна согласност со строгите политики и процедури за набавки на ЕБОР, што претставува дополнителна гаранција за транспарентност, конкурентност и објективност во процесот.

Овој избор следи по стратешки неопходната одлука на раководството на АД МЕПСО за раскинување на претходниот договор, кој значително го одолговлечи и го компромитираше напредокот на проектот. Постапката за раскинување беше спроведена во согласност со меѓународно признатите ФИДИК (FIDIC) стандарди.

Во насока на заштита на државниот интерес и обезбедување финансиска ефикасност, АД МЕПСО обезбеди континуитет на инвестицијата: 51,2% од потребната опрема е веќе испорачана од претходниот изведувач, е во сопственост на компанијата и ќе биде вградена од страна на новоизбраниот изведувач, со што е спречена потенцијална финансиска штета.

Со потпишувањето на Договорот ќе започне реализацијата на градежните активности, со рок за извршување од 900 дена, односно 30 месеци.

Реализацијата на овој проект ќе го затвори единствениот преостанат отворен крак во националниот преносен систем, ќе овозможи комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 и ќе придонесе за значително подобрување на напонските прилики во југозападниот дел на државата.

АД МЕПСО останува цврсто посветен на транспарентно, отчетно и ефикасно спроведување на капиталните проекти од витално значење за енергетската стабилност и безбедност на државата.

Извор: АД МЕПСО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба