Скопје. 28 април 2025 – За време на велигденските празници, македонскиот електроенергетски систем бил на работ на колапс поради прекумерно производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи, потврди генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, на прес конференција одржана денес во Владата.
Според Љатифи, производството значително го надминало домашното побарување, а вишокот струја немало каде да се пласира. Токму затоа, од 18 до 21 април, по проценка на операторот на системот и со одобрение на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), дел од фотоволтаичните централи биле принудно исклучени од мрежата. Со одлуката на РКЕ се нагласува дека исклучените производители нема да бидат обесштетени за изгубеното производство, бидејќи мерките беа преземени за да се спречи целосен или делумен колапс на електросистемот.
„Бевме соочени со затекната ситуација. Презедовме мерки на исклучување на производители и ги искористивме сите системски резерви за стабилизација на мрежата. Сега преносниот систем е стабилен“, изјави Љатифи на прес-конференцијата во Владата.
Дополнително, Љатифи предупреди дека слична ситуација може да се повтори за претстојниот 1-ви Мај, кога повторно се очекува ниска потрошувачка и големо производство од фотоволтаичните електрани. Иако вакви проблеми не се единствени за Македонија – со слични предизвици се соочуваат и соседните држави како Грција – македонскиот случај ја отвора дилемата колку брзо системот може да се адаптира на променетата енергетска реалност во која обновливите извори доминираат во производството.
На прес конференцијата, директорот Љатифи образложи и дека, МЕПСО се соочува и со финансиски предизвици, што е наследена состојба од претходните раководства на компанијата. Во екот на енергетската криза, дел од трговците со електрична енергија акумулираа долгови кон компанијата, кои достигнаа 10 милиони евра. Денес, долгот е намален на околу 7,2 милиони евра. Љатифи појасни дека дел од трговците редовно ги отплаќаат репрограмираните долгови со камата, други ги имаат комплетно намирено обврските, додека против останатите се водат извршни постапки.
Како дополнителна мерка за заштита на системот, АД МЕПСО го зголеми фиксниот дел на банкарските гаранции за трговците. „Сметаме дека новоутврдената сума е доволна за да обезбеди сигурност на пазарот на долг рок, имајќи ги предвид високите цени на електричната енергија на европските берзи“, рече Љатифи.
Новиот менаџмент на МЕПСО, кој стапи на должност во време на тешка енергетска состојба, вети дека ќе стави крај на злоупотребите поврзани со менаџерските договори од минатото. „Ќе работиме најпрофесионално и најпосветено од првиот до последниот ден, без повторување на стари грешки“, истакна Љатифи.
Енергетика 24