Скопје. 8 август 2025 – Пазарот на електрична енергија ден однапред во Македонија забележа историски рекорд во месец јули 2025 година, со истргувани 135.072,8 MWh електрична енергија, информира Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје.
Оваа количина претставува највисок месечен обем на тргување досега, надминувајќи го претходниот рекорд од јануари 2025 година, кога беа истргувани 130.168 MWh. Освен по количината, јули се одликува и со пониска просечна цена, која изнесувала 6.363,29 денари или 103,19 евра за MWh, во споредба со јануарските 143,29 евра за MWh.
Просечниот дневен обем на тргување во јули достигна 4.357,2 MWh, што дополнително ја нагласува динамиката на пазарот.
За време на дневниот пик (09:00–20:00 часот), беа истргувани 2.866,4 MWh по просечна цена од 5.292,2 денари или 85,8 евра за MWh – што претставува поволни услови за потрошувачите и стабилност во снабдувањето во најактивниот период од денот.
Според МЕМО, овој рекорд е показател за зголемената активност и доверба во пазарниот механизам за тргување со електрична енергија, како и за сè поголемото учество на различни пазарни актери во електроенергетскиот систем.

Извор: МЕМО