Скопје. 11 ноември 2025 – Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје вчера соопшти дека европската енергетска компанија MET Group стана нов учесник на домашната берза на електрична енергија. Со ова, на пазарот се приклучува уште еден силен меѓународен играч со богато искуство во енергетскиот сектор.
MET Group, со седиште во Швајцарија, е активна на пазарите со природен гас и електрична енергија. Компанијата е присутна во 21 држава преку свои подружници, учествува на 33 национални пазари на природен гас и оперира на 44 меѓународни трговски пазари. Во неа работат 1.350 вработени од речиси 60 националности.
Како што наведуваат од компанијата, MET Group има значително искуство во управување со обновливи и конвенционални енергетски капацитети, со што активно придонесува кон енергетската транзиција.
Во текот на 2024 година, MET Group оствари 17,9 милијарди евра консолидиран приход, тргуваше со 1.400 TWh природен гас и 76 TWh електрична енергија.
Со своето диверзифицирано портфолио кое вклучува трговија со гас и LNG, електрична енергија, снабдување на потрошувачи во повеќе од 20 земји, како и инвестиции во складишта за гас, комбинирани електрани, батериски системи, соларни и ветерни капацитети, MET Group ја зацврстува позицијата на водечка европска компанија во енергетската транзиција и го проширува своето присуство на регионалните пазари.
Енергетика 24
