МЕМО и БСП: Унапредување на интеграцијта на македонскиот во европскиот пазар на електрична енергија

Скопје, 6 април 2026 – Македонскиот пазар на електрична енергија влегува во нова фаза на развој со воспоставувањето на пазарот за тргување во тековниот ден, проект што се реализира преку партнерството меѓу словенечката енергетска берза БСП и националниот оператор МЕМО. Овој процес претставува значаен исчекор кон интеграција на земјава во европскиот енергетски пазар.

Во интервју за МЕМО Инфо, извршниот директор на БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник, истакнува дека договорот за воспоставување на овој пазар означува клучна пресвртница за Северна Македонија, со имплементација планирана до вториот квартал од 2026 година.

„Овој успех е резултат на силна заедничка посветеност, изградена врз експертиза, доверба и партнерство. Горди сме што придонесуваме кон развојот на македонскиот пазар на електрична енергија“, вели Предовник.

РЕКЛАМА

Поголема флексибилност и нови можности за тргување

Воведувањето на пазарот во тековниот ден ќе им овозможи на учесниците значително подобри можности за балансирање и управување со своите позиции во реално време. За разлика од пазарот „ден-однапред“, овој сегмент функционира континуирано – 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Со растот на обновливите извори на енергија, ваквата флексибилност станува клучна за ефикасно управување со енергетските портфолија, што дополнително ја нагласува важноста на овој пазарен сегмент.

Проектот во фаза на дизајн, стартот во мај

Во моментов, проектот се наоѓа во фаза на дизајн, а во наредниот период ќе се организира работилница со домашните пазарни учесници. Целта е да се обезбеди целосна усогласеност со новиот пазарен модел и техничка подготвеност пред официјалниот почеток, кој е планиран за мај.

Предизвици: континуирано тргување и нови стратегии

Еден од главните предизвици при воведувањето на овој пазар е неговата динамика. Континуираното тргување подразбира можност за повеќе трансакции за ист производ по различни цени, што бара адаптација на стратегиите, процесите и организацијата кај учесниците.

Клучна алка за европска интеграција

Според Предовник, пазарот за тргување во тековниот ден има клучна улога во поврзувањето на македонскиот електроенергетски систем со регионалните и европските пазари. Тој ќе придонесе за поголема транспарентност, зголемена ликвидност и усогласување со европските стандарди.

Позитивните искуства од пазарот „ден-однапред“, каде веќе е забележан раст на бројот на учесници и обемот на тргување, даваат дополнителен оптимизам за успехот на новиот сегмент.

Поглед напред

„Заедно со МЕМО, горди сме што ја поддржуваме оваа трансформација – проект што го модернизира националниот пазар и ја приближува Македонија до целосна интеграција во европскиот пазар на електрична енергија“, порачува Предовник.

Со овој чекор, земјава ја зајакнува својата позиција на регионалната енергетска мапа и поставува темели за поефикасен, конкурентен и интегриран пазар.

Извор: МЕМО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил