МЕМО: 552 GWh домашно производство наспроти 468 GWh нето-потрошувачка во октомври

Домашното производство на електрична енергија во октомври 2026 година целосно ја покрило нето-потрошувачката во Македонија, покажуваат податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО. Во текот на месецот, за задоволување на потребите на потрошувачите, без загубите во мрежата, биле продадени 468 GWh електрична енергија, додека трансакциите од сопствено домашно производство достигнале 552 GWh.

Учеството на домашното производство во однос на нето-потрошувачката изнесувало 100%, исто како и во септември, кога нето-потрошувачката била 419 GWh, а трансакциите од сопствено производство достигнале 443 GWh.

Во октомври на пазарот на електрична енергија биле реализирани трансакции од сопствено производство во вкупна количина од 552 GWh. Најголемо учество имало АД ЕСМ, со 240 GWh, односно 43,5% од вкупната количина. Независните производители учествувале со 184 GWh, или 33,4%, додека агрегаторите реализирале трансакции од 97 GWh, што претставува 17,5%. Производителите кои користат повластена тарифа учествувале со 31 GWh, односно 5,6%.

РЕКЛАМА

Во споредба со претходниот месец, во октомври нето-потрошувачката на електрична енергија се зголемила за 49 GWh, односно за 11,7%. Истовремено, трансакциите од сопствено производство пораснале за 109 GWh, или за 24,6%, што покажува дека растот на домашното производство бил поголем од растот на потрошувачката.

Промени има и во структурата на производителите. АД ЕСМ ги зголемило реализираните трансакции од 173 GWh во септември на 240 GWh во октомври, додека независните производители бележат раст од 119 на 184 GWh. Кај агрегаторите, пак, количините се намалиле од 128 на 97 GWh. Производителите со повластена тарифа го зголемиле учеството од 23 на 31 GWh.

Податоците на МЕМО покажуваат дека и покрај повисоката нето-потрошувачка во октомври, домашното производство во двата последователни месеца било на ниво што одговара на 100% од потребите на државата, без вклучени загубите во електроенергетската мрежа.

Извор: МЕМО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил