Планот на Европската унија да ги укине увозите на руски природен гас до 2027 година ќе создаде значајни економски и политички тензии меѓу земјите-членки, оценува колумнистот на Ројтерс Гевин Мегвајр во детална анализа објавена на 4 декември годинава. Според него, различните нивоа на зависност од гас, географските ограничувања и нееднаквата пристапност до алтернативни снабдувачи ќе ја направат транзицијата тешка, а во некои случај и контроверзна. Најотворен отпор засега доаѓа од Унгарија и Словачка, држави чии економии силно се потпираат на природниот гас за електропроизводство и индустриски процеси, но поради тоа што се без излез на море немаат можност за развој на ЛНГ-терминали и се принудени да зависат од копнените гасоводи, а токму тие се доминирани од руски снабдувачи. Мегвајр посочува дека двете земји веќе размислуваат за правни чекори против Брисел со цел да го забават или изменат планираното укинување на рускиот гас.

Иако Германија е најголемиот потрошувач на природен гас во Европа, Мегвајр нагласува дека Италија е најзависната земја во однос на уделот на гас во вкупниот енергетски микс – 38% во 2024 година, според податоците на Energy Institute. Велика Британија, Украина, Унгарија и Холандија се меѓу најзасегнатите држави, а вкупно шест европски економии обезбедуваат најмалку 30% од својата енергија од природен гас. Тоа, како што објаснува авторот, ја објаснува силната загриженост околу политиките што можат да го ограничат снабдувањето, да ја зголемат цената на енергијата и да го намалат индустриското производство.
Иако девет од десетте најзависни земји имаат пристап до морски пристаништа каде би можеле да увезуваат течен природен гас, Мегвајр предупредува дека дури и тие се соочуваат со економски предизвик: замената на рускиот гас е многу поскапа. Според неговата анализа, руските гасоводни испораки се движат меѓу 6 и 8 долари за милион британски термички единици (MMBtu), додека ЛНГ за Европа чини меѓу 12 и 15 долари. Разликата од околу 50% ја прави транзицијата кон ЛНГ финансиски болна за многу држави. Иако цените на ЛНГ паѓаат во последните месеци поради конкуренцијата меѓу извозниците, ценовниот јаз сè уште е значаен.

Во 2025 година, Европа веќе увезува рекордни 284 милијарди кубни метри ЛНГ– 23% повеќе од 2024 година и речиси 60% од тој увоз доаѓа од САД, наведува Мегвајр. Но, тој предупредува дека овој раст е едвај над максимумот постигнат во 2023 година, што поставува прашања за долгорочната одржливост на таквиот тренд. Дополнително, брзиот раст на производството на електрична енергија од обновливи извори зголемено за над 11% од 2019 година и падот на употребата на фосилни горива за 15% може да го ограничи потенцијалот за зголемување на ЛНГ-увозите во иднина, дури и ако целосно се заменат руските количини.
Мегвајр заклучува дека, и покрај политичките притисоци и јавните очекувања за намалување на зависноста од Москва, природниот гас ќе остане клучен за европските електроенергетски системи и индустриски операции во блиска иднина. Затоа, не е изненадувачки што многу држави и компании продолжуваат да се спротивставуваат на брзиот прекин на рускиот гас, особено во период кога ЕУ се подготвува да ја финализира новата регулатива во 2026 година.
Извор: Ројтерс
