Македонската берза за електрична енергија, управувана од државната компанија МЕМО, во првите девет месеци од годинава покажува јасни знаци на зрелост, стабилност и раст, се наведува во анализата објавена во вториот број на „МЕМО Инфо“, подготвена од аналитичарот Никола Стојанов.
Податоците говорат дека од јануари до септември оваа година, на организираниот пазар „ден однапред“ се истргувани речиси еден милион мегаватчасови електрична енергија, со вкупна вредност од 103,6 милиони евра. Овој резултат ја позиционира македонската берза како релевантен и сè почесто користен механизам за набавка и продажба на струја на домашниот пазар.
Особено впечатлив е податокот дека електричната енергија тргувана преку берзата учествува со над 26% во вкупната електрична енергија преземена од дистрибутивните системи и директните потрошувачи во првите осум месеци од годината. Тоа, според анализата, е јасен сигнал дека снабдувачите и големите потрошувачи ја препознаваат берзата како сигурен и ефикасен пазарен инструмент.
Од месечните податоци се гледа континуитет во тргувањето, со најголем обем во јули (над 135 илјади MWh) и стабилно ниво во останатите месеци, што укажува на растечка ликвидност и навика за користење на пазарните механизми.
Вториот клучен елемент што се издвојува во анализата е довербата на пазарните учесници. Фактот дека преку берзата се реализирани трансакции од над 100 милиони евра значи дека компаниите ѝ довериле на МЕМО не само електрична енергија, туку и значителни финансиски средства.
Во моментов на берзата учествуваат 38 компании, а довербата, како што се наведува, се темели на сигурната наплата за продавачите, навремената испорака за купувачите и јасно дефинираните правила на тргување. За нешто повеќе од две и пол години работа, МЕМО се профилира како стабилен и кредибилен оператор на организираниот пазар.
Анализата покажува дека македонската берза не заостанува ниту во споредба со поголемите регионални пазари. Просечната цена на струјата на МЕМО за периодот јануари–септември изнесува 103,86 евра за мегаватчас, што е малку пониско од унгарската HUPX и многу блиску до грчката EnEx.
Во март, македонската берза дури забележала најниска просечна месечна цена во споредба со двете регионални берзи. Овие разлики се оценети како „нијанси“, особено ако се земат предвид дополнителните трошоци што ги носи увозот на струја – прекуграничен пренос, трансакциски надоместоци и берзански провизии.
Како трета и можеби најважна придобивка, анализата ја истакнува воспоставената пазарна цена на електричната енергија. Од мај 2023 година, Македонија има сопствен, транспарентен ценовен сигнал базиран на реална понуда и побарувачка за секој час во денот – клучен предуслов за планирање нови инвестиции во енергетиката и во индустриите каде што струјата е значаен трошок.
Перспективите за идниот развој на берзата се оценети како позитивни, пред сè поради транзитниот потенцијал на македонскиот електропреносен систем. Првите каплинзи, односно поврзувања со соседните берзи, се очекува да ѝ овозможат на МЕМО да апсорбира дел од регионалните текови на електрична енергија и дополнително да ја зголеми ликвидноста и значењето на пазарот.
Заклучокот на анализата е јасен: македонската берза за струја веќе не е само реформски проект, туку функционален пазар со реална економска тежина, растечка доверба и сериозен потенцијал за понатамошен развој.
Извор: MEMO
